Општество со еродирани вредности ги урнисува семејните норми
Настанот кој што ја потресе целата македонска јавност со право може да се вброи во монструозни настани, во кои насилството кон себе и кон своето најмило доминира пред позитивните емоции и убиството и самоубиството, како специфичен облик на девијации доминираат пред морално-вредносните специфики.
Во однос на причините за овој специфичен социолошки феномен не може да се издели една, туку мултидимензионалниот пристап е најсоодветен.
Прво аномичното општество, со сите негови белези, во кое ние денес, со право може да кажеме дека живееме, ги урнисува моралните норми и семејни вредности, кои потполно се маргинализираат и во тој контекст полесно е на поединецот да посегне по нешто што е општествено неправилно и непосакувано. Семејството се повеќе го губи приматот на место каде личноста висински и правилно се социјализира, се повеќе се запоставува воспитната функција, а со самото тоа слабеат и врските меѓу членовите на семејството. Во општество каде имате еродирани вредности тешко дека поединецот ќе може правилно да расуди и просуди. Од тука произлегува и поривот да се угуши свеста за мајчинство и таа улога на мајка потполно да се запостави.
Од друга страна треба вниманието да се сврти и кон институциите на системот и нивната грижа за оние кои се жртви на семејно насилство, не случајно се апелира за сериозен пристап кон третирање на овој проблем и посветување на посебно внимание. Она што исто така е значајно е да се види и семејната клима во која функционирало семејството и да се утврди дали личноста била под терапија со медикаменти и доколку била да се запрашаме за контролата која треба да се врши од компетентни лица во контекст на улогата која ја има како мајка, сопруга, работник и слично.
Искрено и интимно не верувам дека човек свесно може да си го фрли во смрт своето најмило. Би додала дека не треба да се запостават ниту медиумите, вклучително и интернетот, кои во совремието и те како се моќен фактор на социјализација и влијание и со самото емитување катадневно на содржини кои изобилуваат со насилство и агресија индиректно влијаат на него. Во однос на самоубиствата и нивната класификација би споменала дека има примеси и на аномично но и на егоистично самоубиство.
Сепак апелирам јавно да се проговори за овој тип на социо-патолошки проблеми бидејќи станува збор за сериозен феномен кој бара стручна елаборација и експликација.
Д-р Татјана Стојаноска Иванова
Институт за социологија
Филозофски факултет-Скопје
Слично
