Опозицијата со истите министри во новата техничка влада
Oпозициската СДСМ реши со истите министри да влезе во новата техничка влада.
На сниќешниот Централен одбор СДСМ одлучи Оливер Спасовски да биде старо-нов кандидат за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски, кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов, кандидат за дополнителен заменик-министер за финансии, Александар Кирацовски, кандидат за дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски, кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.
Одлуките на лидерот на таа партија акламативно ги поздрави раководството на партијата во напорите за создавање услови за организација и спроведување регуларни предвремени парламентарни избори во Македонија.
Централниот одбор на СДСМ, како што соопштија од партијата, едногласно ги прифатил предлозите на раководството и Извршниот одбор на партијата за кандидати за министри и дополнителни заменици министри за составот на техничката Влада за организирање и спроведување избори.
„Тоа се Оливер Спасовски, кандидат за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски, кандидатка за министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов, кандидат за дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски, кандидат за дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски, кандидат за дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство“, рече Заев. Централниот одбор ја прифати и одлуката на Извршниот одбор за одржување тематски конгрес на партијата при крајот на овој месец, за отворање простор за широк фронт против режимот на Груевски и утврдување на приоритетите на идната демократска власт во Македонија, професионални и демократски институции што ќе работат во интерес на граѓаните, правично општество, економска и социјална стабилност на граѓаните и државата, независно судство, објективни медиуми... На седницата, Централниот одбор едногласно одлучи нов член на ЦО на СДСМ да биде новинарот Мухамед Зекири. Претседателот на СДСМ ја потенцираше поддршката на граѓаните на Македонија, на членовите и симпатизерите на СДСМ, на опозицијата, на поединци, интелектуалци, граѓанските организации во чекорите за победа над режимот. „Ова е важна мотивирачка сила во сериозната одговорност што ја презеде Социјалдемократскиот сојуз да го предводи процесот на обезбедување економски стабилна и демократска иднина на Република Македонија во интерес на сите граѓани во државата, што ќе се случи по 11 декември“, рече претседателот Заев, на седницата на ЦО на СДСМ што се одржа во четврток вечер. Според договореното од Пржино, сто дена пред избори се формира заедничка влада, во која влегуваат министри и заменици-министри во одредени министерства предложени од страна на опозицијата, кои треба да обезбедат услови за одржување фер, демократски и слободни избори. Спасовски, Ременска, Наумов, Николовски и Кирацовски, во петок ќе треба да бидат предложени од премиерот Емил Димитриев пред Собранието за нови членови на Владата и да почнат со работа. Само еден ден претходно, ВМРО-ДПМНЕ го смени и министерот за внатрешни работи, па место Митко Чавков, еден ден министер беше Оливер Андонов, кој пак од денеска ќе биде дополнителен заменик-министер за внатрешни работи.