СДСМ на протест, ВМРО ДПМНЕ со обвинувања; Кој е крив за скапата струја?
Протестот на опозицијата денеска се пресели пред Регулаторната комисија за енергетика, како знак на револт поради начинот на кој Собранието ја отфрли иницијативата на Граѓанското здружение АМАН. Со иницијативата на АМАН поддржана од над 13 илјади граѓани се бараше промена на Законот за енергетика и враќање на евтината дневна тарифа за струја, како и укинување на сметките за парно кај оние кои не го користат.
„Денешниот состав на РКЕ е целосно партиски обоен и со сомнителна кредибилност во областите кои ги регулираат. Тие не ги штитат интересите на граѓаните, а оваа Комисија ги штити бизнис интересите на одредени компании. Начинот на кој вчера во Собранието, Трајко и забеганата дружина го одбија предлогот на АМАН, само уште еднаш ја потврди забеганоста на власта. Со поприлично груби аргументи не само што ја отфрлија граѓанската иницијатива, туку и за малку ќе го исфрлеа и овластениот претставник на 13.169 граѓани“, обвини Јани Макрадули од СДСМ. Од опозицијата порачаа дека наместо да ги штити интересите на граѓаните, РКЕ стана битна компонента во штитењето на бизнисот на моќните од една страна и осиромашувањето на граѓаните од друга страна. Обвинија и дека иако пред пет години министерот Зоран Ставрески ветил дека Македонија ќе биде извозник на струја, денеска фактите говорат дека производството на струја е намалено за педесетина проценти. „Откако ја поскапеа цената на струјата за 10 проценти и ја укинаа дневната тарифа, во просек струјата во земјава поскапе за 24 проценти. Зошто кога ја укинаа дневната тарифа не поевтине цената на струјата, оваа влада ја укина и зимската и летната тарифа. Комисијата ги аминува договорите на ЕЛЕМ вредни 2,7 милијарди денари. Еден ден некој ќе мора за тоа да одговара“, истакна Макрадули. Собранието вчера со 49 гласа за, 11 воздржани, а 4 против, изгласа отфрлање на граѓанската иницијатива. Гласањето се вршеше во отсуство на пратениците од опозицијата, која е надвор од Собранието.Реакција на ВМРО-ДПМНЕ
Од најголемата опозициска партија како непринципиелни ги оценува изјавите за Регулаторната комисија за енергетика дадени од СДСМ.„ВМРО-ДПМНЕ го потсетува СДСМ дека токму тие беа на власт кога решија да ја приватизираат ЕСМ, знаејќи дека оваа продажба ќе биде штетна за граѓаните, за што говореше и нивниот експерт Атанаско Тунески. Каде беа СДСМ кога во 2006 година и покрај масовните протести на народот ја продадоа ЕСМ, гледајќи на тоа како еден „бонбона бизнис”, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Додека СДСМ владееше, се додава во рекацијата, се занимаваше само со сопствените бизниси во областа на енергетиката, а денес не е така.
„Сведоци сме на многу новитети во областа на енергетиката како донесување Закон за енергетика, овозможивме изградба на гасната централа ТЕ-ТО во Скопје, модернизација на ТЕЦ Битола, изградба на ХЕЦ Света Петка, модернизација на трафостаници на АД Мепсо, изградба на далноводи и многу други проекти, кои придонесоа за зајакнување на енергетскиот систем“, се посочува во реакцијата.
ФОТО: Плус инфо