Економија, финансии, бизнис

Контакт

Од утре опозицијата ги интензивира протестите низ цела Македонија

Од утре опозицијата ги интензивира протестите низ цела Македонија
Од утре опозицијата го сели Граѓанскиот парламент низ цела Македонија. Од СДСМ денеска повикаа на граѓанската непослушност и уличната демократија како единствените инструменти кои им преостануваат во ситуација кога институциите во Македонија се како што велат, киднапирани и окупирани од режимот на Груевски. „Ние не можеме и нема да прифатиме дека кршењето на Уставот и законите,  уништувањето на основните демократски принципи, како и насилството врз новинари и  пратеници се нормална работа која треба да се сокрие од страна на власта. Тоа би не направило соучесници во укинувањето на демократијата. Ваквото однесување на власта не ни остава друг избор освен да пружиме отпор против режимот и да ги интензивираме нашите активности“, изјави на денешната прес конференција потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев. Од опозицијата бараат да им се врати државата на граѓаните, која ќе функционира врз основа на начелата на Уставот и законите. Караванот најавија дека ке помине во поголемите градови низ Републиката, каде секој работен ден ќе се организираат протестни маршеви и граѓански парламенти. Парламентот утре се сели во Прилеп, каде од 18 до 19 часот раководството на СДСМ, како и раководствата на партиите од „Сојузот за иднината“, заедно со граѓаните ќе маршираат низ улиците на градот. По Прилеп, следат Струмица, Штип и Охрид во петок, најавија од опозицијата. Во меѓувреме продолжуваат и собирите во Скопје со блокирање на по една крстосница, секој работен ден. „Овие блокади ќе бидат во времетраење од половина час од 12 до 12 30 часот, почнувајќи од утре со полчасовна блокада на крстосницата меѓу улиците “Партизанска“ и “Рузвелтова“ кај Симпо. Свесни сме дека тоа ќе предизвика непријатности и нервоза кај граѓаните, затоа во оваа прилика ги повикуваме Скопјани да имаат разбирање за блокадите, имајќи предвид дека уличниот отпор останува единствено средство за борба против овој режим“, посочи Георгиев . Од опозицијата ги повикаа сите граѓаните, да излезат на мирните маршеви низ републиката, да го кажат своето мислење на граѓанските парламенти и заедно да покажат отпор против режимот кој како што велат од СДСМ,  секој ден се повеќе им ја одзема слободата.
Слично

Поврзани вести