Опозицијата ќе поднесе кривична пријава против Премиерот
Откако вчера во јавноста се појави видео снимка со содржина од разговор меѓу премиерот Груевски и опозицискиот лидер Заев во кабинетот на премиерот, од СДСМ денеска информираат дека ќе поднесеат Кривична пријава против премиерот Никола Груевски за неовластено снимање и прислушување.
„Согласно член 151 и член 152 од Кривичниот законик неовластено прислушување и снимање не е дозволено. Значи, Никола Груевски го прекршил законот. Доколку постоеле посебни истражни мерки, сторено е кривично дело согласно членовите 360 и 360а од Кривичниот законик, оддавање службена тајна“ велат од СДСМ.
Опозицијата чека потег од обвинителството и негова постапка кога станува збор за премиерот.
„Груевски треба да одговори од кога е следен лидерот на опозицијата, Зоран Заев?“, порачувваат од СДСМ.
Објавувањето на податоците за движењето на претседателот на СДСМ во провладините медиуми, пред околу една година, потврдува дека лидерот на опозицијата е следен подолг временски период, истакнува опозицијата.
Опозицијата заклучува дека премиерот го следи, го прислушува и го снима лидерот на опозицијата долго време, и ги снима оние кои доаѓаат на политички средби во неговиот кабинет.
