Опозицијата кај Ставрески: Пари, пари и само пари се причина за политичката криза во Македонија!
Опозицијата денеска протестираше пред Министерството за финансии, кое, велат е најодговорно за големото трошење на Државата, што придонесува за се поголемо осиромашување на граѓаните.
„Заради расипничкото задолжување, СДСМ го поднесе планот за штедење. Сакавме власта да се стави во иста позиција со народот, кој е во економска криза. Власта го отфрли планот за штедење и реши да изгази се. Изгази Устав, Закон, Деловник, се заради пари, за многу пари, кои им служат како инструмент за поддршка од јавноста“ вели потпретседателот на СДСМ Зоран Јовановски.
Тој го лоцираше проблемот на кризата токму во министерството за финансии.
„Ставрески мавташе со рацете за да се исфрлат на насилен начин пратениците. Тоа беше најсрамен момент за Македонија и крајно време е да се каже доста е на партиско-политичкиот пуч, доста е со задолжувањата, доста со газење на демократијата“, рече Зоран Јовановски.
Тој повтори дека доколку не дојде до политички договор за излез од длабоката политичка криза, СДСМ и Сојузот за иднината одат на активен бојкот на локалните избори.
„При тоа, граѓаните ќе бидат соочени со изборот да излезат на гласање и да го легитимираат овој режим, да гласаат за ова неконтролирано трошење, задолжување, или да останат дома и со останување дома практично да го дадат својот глас за една поинаква, многу подобра Македонија“, вели потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски.
Буџетските настани од 24 декември минатата година беа почеток на политичката криза во која падна Македонија. Тогаш пратениците на СДСМ беа отстранети од собранието, а владејачкото мнозинство го изгласа Буџетот за 2013 година, тежок 2, 6 милијарди евра. СДСМ поднесе план за заштеди на околу 200 милиони евра, кој беше одбиен од Владата.
Р.Ф.
Слично
