Опозицијата ќе бојкотира избори, власта опозицијата, а економијата ја бојкотираат сите
Какви ќе бидат економските реперкусии од политичката битка, која по буџетските случувања зазеде политички размери од сериозен карактер? Дали инвеститорите сега уште повеќе ќе ја заобиколуваат Македонија?
Мишко Иванов
За економијата веќе никој ништо не зборува. Доминира партиската пресметка на македонската политичка сцена. И додека целокупната јавност дури и за време на новогодишните и божиќните празници е преокупирана со политичката состојба во државата за економските проблеми кои ги има во изболиство никој ништо не зборува.
Се чини дека земјава е исправена пред сериозни економски предизвици, каде што нема многу простор за политички маневар. Во целата оваа рашомонијада од политички игри едно е јасно најголеми губитници ќе бидат граѓаните, што впрочем го потврди и гувернерот Богов.
Богов: Политичките тензии се штетни
„Политичката стабилност секогаш е значаен фактор за економскиот раст. Политичките тензии можат да го поткопаат економскиот раст и да ја зголемат цената за одржување на макроекономската стабилност. И обратно, смирувањето на политичките нарушувања и почетокот на преговори со ЕУ би дале дополнителен импулс на економскиот раст и би ја зголемиле довербата на домашните и на странските инвеститори“, изјави во интервју за Дневник, гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.
Што е поштетно за економијата, бојкотот на изборите од опозицијата или игнорантскиот однос на власта кон случувањата?
На македонската економија никако да и тргне изминативе 20 години. Последните најави на опозицијата за бојкот на претстојните локални (а можеби и предвремени парламентарни избори) несомнено ќе испратат лош сигнал кај меѓународната јавност, уште повеќе кон странските инвеститори. Истовремено истата слика, истиот одзив кај странците ќе оддекне поради игнорантскиот однос на власта и неможноста да се слушне и различно, секако конструктивно мислење за одредени работи. Инвеститорите не се среќни во несреќно политичко окружување, тоа ги оддалечува од нивната одлука за инвестиции. Не само странските, ами и домашните. Сведоци сме дека за клучните економски работи низ светот се дебатира, и обично тоа се успешни дебати. Впрочем на опозицијата по дифолт и е работа да критикува, да не се согласува со политиките на Владата и низ конструктивна расправа да ја убеди власта, но и граѓаните дека тоа што тие го нудат е исправното решение.
За економските порази одговорни политичките елити
Сиромаштија, невработеност, опаѓање на животниот стандард, незапирлив пад на индустриското производство, незначителни директни странски инвестиции. Македонија мора под итно да најде решение како ќе одговори на клучните економски порази. Се разбира никој не може и не смее да се амнестира од одговорноста за состојбата до која не доведоа политичките елити, изминативе 20 години. За споредбите со Хрватска веќе никој не ни зборува, Албанија не одмина кога влезе во НАТО, Црна Гора не беше ниту држава кога Македонија доби кандидатски статус, а денес има датум за почеток на преговори со ЕУ, а веројатно поблиску до Брисел наскоро ќе биде и Србија.
Време е за преговори
Лутите ривали (ВМРО ДПМНЕ и СДСМ) политичката битка ја сведоа на лична пресметка полна со омраза. Уште пострашно е што нивната нетрперливост ја пренесоа и кај граѓаните. Со оглед на фактот дека земјата економски не просперира со посакувано темпо, политичката криза во која полека, но сигурно влегува Македонија треба да го вклучи алармот дека не е време за политиканство, туку за решавање на економските и уште повеќе егзистенцијалните проблеми на граѓаните. Повеќе од сигурно е дека политичката состојба во која се наоѓа земјата во моментот, само ќе ја оддалечи Македонија и од европскиот пат, а уште повеќе од економскиот просперитет кој го чекаме веќе многу години. Токму затоа, ако лутите ривали сега ги победат суетите и седнат на маса, ќе испратат силна порака и до меѓународната јавност и до странските инвеститори.
Ало, Претседателе
Интересно во целата оваа состојба е ликот, делото, а уште повеќе улогата на таткото на нацијата, претседателот Ѓорѓи Иванов. Просто, не разбирливо е како е возможно претседателот на државата да не мрдне ниту со малиот прст за ситуацијата во која се наоѓа Македонија, во време на општо еродирање не само на политичките стандарди, туку во време кога врз Македонија се надвиснати безброј економски проблеми, во голема мера предизвикани од политичката криза која ја донесоа буџетските случувања.
Слично
