Опозицијата ја прошири кривичната против Мијалков и Груевски
Денеска до Основното јавно обвинителство опозицијата подне проширување на кривичната пријава, што претходно беше поднесена за кривичното дело неовластено прислушување и тонско снимање.
„Станува збор за прислушување на луѓе, без налог, само заради нивните политички активности. Доказите кои ги имаме и кои ги приложивме кон пријавата, со прислушуваните и тонски снимани разговори, се однесуваат на временски период од 4 години.
Искрено се надеваме дека проширувањето на кривичната пријава нема да ја доживее судбината на првичната кривична пријава, за којашто до сега немаме никаков абер што се случува. Ниту зошто обвинителството до овој момент не постапува воопшто по онa што беше поднесено пред десетина денови.
Бидејќи сите сме легалисти, сакаме да веруваме дека институциите на Република Македонија конечно ќе се одважат и ќе постапат по кривичната пријава за еден масовен злостор против човековите слободи и права, за прислушување на илјадници и илјадници граѓани на оваа земја без било каков повод и причина.
Немаме верба во луѓето кои актуелно ја водат оваа институција. Меѓутоа веруваме дека сите останати, меѓу кои има професионални, стручни кадри, доблесни луѓе, овој пат нема да одмолчат и во интерес на нашата заедничка, подобра иднина ќе постапат по пријавата, ќе ја процесуираат понатаму и ќе ги санкционираат оние кои го правеле ова злодело против сопствениот народ“, изјави денеска после поднесувањето Стево Пендаровски.
Одговарајќи на новинарско прашање Пендаровски потенцира дека конкретно тој бил прислушуван од февруари 2011 година, значи тоа е период од три години пред претседателските избори.
На прашањето дали постои опција да се прислушува масовно од страна на Петтата управа на УБК без налог на министерката за внатрешни работи, бидејќи онаа низа пати вели дека тоа е без налог, тој одговорил „ Кога работите спротивно на закон може без налог, меѓутоа не може без знаење на првите функционери на тоа министерство, вклучувајќи го и директорот“.
Слично
