Опозицијата и власта повторно на средба
Иако не се ниту близу до договор , лидерите на политичките партии за утре подготвуваат нова средба заедно со амбасадорите Орав и Бејли.
Засега состојбата е неизвесна дали лидерите ќе успеат да ги доближат ставовите кои од петни жили ги бранеа на досегашните средби.
Последната лидерска средба од 29 јуни заврши без никаков чекор напред и знаци за оптимизам, како и што се очекуваше, а после нејзиното завршување ниту еден од македонските политички лидери не сакаше да зборува со новинарите.
Она што дава барем малку надеж во преговорите на четирите политички партии е желбата за повторна средба.
На последната средба не присуствуваше ниту еврокомесарот Хан а пораката од Брисел е дека Хан ќе дојде само ако постои шанса за договор.
Како што Фактор ексклузивно објави, Викторија Нуланд доаѓа во Скопје. Посетата е закажана за 13 ти јули.
Иако не се знае точно што ќе се случи дотогаш со политичката криза, јасно е дека, ако нема решение, таа ќе изврши дополнителен притисок врз политичките актери.
Како времето ќе минува така притисокот врз премиерот и лидер на ВМРО ДПНЕ Никола Груевски и претседателот на СДСМ Зоран Заев ќе се зголемува, а ќе кулминира во текот на јули кога се очекува во Скопје да допатува американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Викторија Нуланд, напиша Фактор.
По една година, помошничката-државен секретар во американскиот Стејт Департмент задолжена за Европа и Евроазија, повторно е во Македонија. Нејзината посета е дел од планираната посета на регионот, при што ќе бидат посетени и други земји.
