Опозицијата бара цената на водата да се намали за 30% !
Од страна на Советничката група на СДСМ и коалицијата во советот на Град Скопје денеска беше поднесена иницијатива за намалување на цената на водата за пиење за 30%.
Тоа би значело дека од сегашните 29,39 денари за еден метар кубен вода кои ги плаќаат граѓаните, од сега би плаќале по 20,57 денари.
Од опозициската СДСМ велат дека иницијативата ја поднеле од следниве причини:
• Зголеменото ниво на сиромаштија кај граѓаните и намалената куповна моќ. Водата е еден од основните природни ресурси за живот и мора да остане достапна за сите граѓани. • ЈП Водовод и канализација има пари за луксузна барокна административна зграда од минимум 10 милиони евра. Кога веќе има пари да се луксузира, најмалку што може да направи е да ја намали цената на водата за граѓаните. • Коце Трајановски оваа година ќе потроши над 46 милиони евра за Скопје 2014, односно за раскош и луксуз. Откажувањето од само дел од раскошот и луксузот ќе овозможи да се реализира предложеното намалување на цената на водата. • Процентот на наплата на вода во Скопје се движи околу 60%, што значи дека постојат значителни загуби на чиста вода за пиење. Сметаме дека со намалувањето на цената, ќе се подобри и процентот на наплата, односно зголемат приходите на ЈП. • Дел од загубите отпаѓаат на неколку големи стопански субјекти и овој проблем се провлекува долго време. Намалената цена би била мотивација тие конечно да почнат да ги плаќаат своите сметки за вода.
Во текот на дебатата за време на седницата на советот ќе ги презентираат во детали нивните ргументи за намалување на цената на водата за 30%.
Тиеочекуваат поддршка од страна на сите советнички групи во советот, бидејќи од намалувањето на цената за водата корист ќе имаат сите граѓани на Скопје, без разлика на нивната национална, верска или политичка определба.
