Опозицијата бара од Владата да го повлече државниот испит
„Владата и Министерството за образование се исплашија - затоа се обидоа да ги пресретнат факултетите, од коишто секојдневно излегува јасно НЕ за државниот испит. По правниот факултет, намерата на Владата за т.н. државен испит ја отфрли Факултетот за драмски уметности. Последната информација е дека во петокот професорите на Факултетот за земјоделство категорично застанале против владиниот државен испит“, потенцираат денеска на прес конференција од опозициската СДСМ.
Според нив нема потреба од дополнително оценување на студентите.
-„Оценките на професорите се недвосмислени. НЕМА потреба од дополнително оценување на студентите, со што Владата им го загрозува на студентите уставно загарантираното право на образование и влегува во автономијата на универзитетот“, изјави Петар Атанасов од СДСМ.
„Ете затоа се викенд избрзаните, брзоплети, нелогични образовни измени, во коишто Владата го спакува и т.н. државен испит и ги пушти во недела попладне невешто да ги правдаат Абдулаќим Адеми и Спиро Ристовски. По 10 илјадниот масовен студентски протест и недвосмислената широка поддршка, да се решиш насила да спроведуваш спротивен став значи само едно“, истакнува Атанасов.
Од опозицијата прашуваат уште колку штети треба да се случат од образовните експерименти?
„Во Извештајот на Европската комисија во Поглавјата 24 и 25 за наука и образование е јасно констатирано дека Министерството за образование има “слаби капацитети за реализација на проекти, има недоволен мониторинг на политиките и финансиите за нивно спроведување. Институциите за образование имаат големи структурни слабости што се далеку од таргетите на ЕУ“.
Сериозно сме загрижени од крах на образовниот систем во Република Македонија“, потенцираат од СДСМ.
Тие бараат Владата и Министерството за образование веднаш да ги повлечат новите измени и да престанат да носат одлуки без експертската јавност и спротивни на волјата на граѓаните на Република Македонија.
