Економија, финансии, бизнис

Контакт

Опозициската СДСМ промовира три нови економски мерки

Опозициската СДСМ промовира три нови економски мерки
Ослободување од данок на добивка на претпријатија кои ќе остварат пораст на извозот, ослободување од данок на добивка во траење од три години на претпријатија кои ќе започнат со дејност во недоволно развиените подрачја и региони во Македонија и ослободување од данок на добивка во траење од три години на повратниците од странство, кои своите заштеди од работењето во странство ќе ги вложат во отворање на сопствен бизнис, или во опрема во постоечко претпријатие во Македонија. Ова се трите мерки што ги промовираше СДСМ од сопствената економска програма кои се однесуваат на олеснување и стимулирање на претпријатијата за зголемување на извозот, инвестициите и отворање нови работни места. „СДСМ ќе воведе целосно ослободување од данок на добивка на оние претпријатија што ќе остварат пораст на својот извоз над 20 отсто во однос на просекот во претходните 3 години“, истакна потпретседателот на партијата Ванчо Узунов. За втората и третата мерка, доколку во тие претпријатија бидат вработени нови најмалку 50 лица, даночното ослободување ќе може да се продолжи за уште 2 години, односно на пет години. На вака предложените мерки, реагираат од владеачката ВМРО ДПМНЕ, од каде оценуваат дека ваквите мерки се неостварливи и не се базираат на реални податоци. „Тоа се чекори со кои Буџетот на државата ќе се намали и ќе се доведат во прашање основните функции на државата, ќе не можат да се исплаќаат платите, ќе не може да се исплаќаат пензиите, ќе не може да се исплаќаат субвенциите на земјоделците, ќе не може да се градат патишта, ќе не може да се градат болници, училишта, градинки“, се посочува во рекацијата, во која се тврди дека опозицијата применува класичен популизам. „Ветуваат се, како и во минатото кога ветуваа по еден вработен од секое семејство, но ништо од нивните ветувања досега не остварија. Кога би дошле на власт, прво најголем дел од ова нема да го реализираат под различни изговори, а од она што ќе спроведат, брзо ќе ретерираат“, се истакнува во реакцијата.
Слично

Поврзани вести