Опозицијата реагира на одлуката на обвинителот да не покрене случај за „Македонска банка“
Јавниот обвинител Марко Зврлевски наместо да ги испита сериозните индиции за тешкото кривично дело во кое е инволвиран Никола Груевски, во случајот „Македонска банка“, се трудел да сработи образложение со кое ќе го амнестира од одговорност, реагира денеска опозицијата на одлуката на Обвинителствотода не поведува постапка за овој случај.
Според портпаролот на СДСМ Петри Шилегов, Зврлевски во образложението „го оправдува противзаконското посредување при примање на милионскиот поткуп со застареност“. „Со тоа Зврлевски призна дека има кривично дело во случајот Македонска банка“, вели Шилегов.
„Зврлевски не негира дека постои кривично дело даночно затајување од 225.000 евра направено од страна на Никола Груевски. Обвинителот ја отфрлува пријавата со оправдување дека немал докази за тоа дело. Тоа значи дека за Зврлевски аудио снимката не е доволен доказ за постоење основ на сомнеж дека е сторено кривично дело даночно затајување. Како јавниот обвинител Зврлевски без да ги повика и да ги сослуша учесниците во разговорот, дошол до тој заклучок?“, прашува портпаролот на опозицијата.
Шилегов додава дека Зврлевски бил законски обврзан да ги сослуша и обвинетиот Никола Груевски, и учесниците во телефонскиот разговор со кои тој го договара 1.500.000 милионскиот кеш, и подносителите на кривичната пријава. Притоа, опозицијата нагласува дека не е точно ниту тврдењето дека случајот „Македонска банка“ е застарен, затоа што во периодот кога се случува овој настан направени се измени во Кривичниот законик со коишто е продолжено застарувањето на дело, од 10 на 20 години, за случај во којшто е предвидена затворска казна од 4 до 15 години.
„Одлуката на јавниот обвинитело Марко Зврлевски е скандалозна и срамна и е доказ дека во Република Македонија нема држава, туку се е партија. Со кое право сега јавниот обвинител ќе товари кој било граѓанин во земјава за сторено кривично дело? За целата јавност, од вчера, Никола Груевски е амнестирано, аболирано и помилувано лице. Го повикуваме Груевски да одговори дали е негов гласот на аудио снимката и дали тој ја договорил продажбата на Македонска банка“, рече Шилегов и го повика обвинителот Зврлевски на телевизиска дебата, на којашто тој со кој било од обвинителството ќе ги соочи аргументите со правниот тим на СДСМ кој ја поднесе кривичната пријава за случајот Македонска банка.
На одлуката на обвинителството да не покрене постапка за овој случај реагираше и НСДП. Според оваа партија, бидејќи опозицијата и голем дел од експертите јавно прашуваа дали на снимката е гласот на Груевски, се поставува прашањето, дали со ова соопштение, обвинителството ја потврдува експертизата и вештачењето на експертитие од Србија дека сепак гласот на снимката е на тогашниот пратеник, а сегашен актуелен премиер Никола Груевски.
„Господине Зврлевски, велите дека обвинителство неможе да се впушти во правна анализа на вештачењето на гласот од снимката, затоа што било извршено без наредба на овластен орган, ама затоа сте се впуштиле да констатирате дека сепак случајот „Македонска банка“ е застарен и за истиот неможе да се поведе кривично гонење. Со вакво срамно и скандалозно соопштение зад кое се затскрива јавниот обвинител Зврлeвски само се потврдува констатацијата, за директна вмешаност во носењето на одлуките на обвинителството, од страна на високи функционери на владата на Македонија“, стоив со реакцијата на НСДП.
Слично
