Опозицијата бара решение на поплавите наместо луксуз
Од опозицијата денеска побараа решавање на проблемот со поплавите кои се случуваат при секој поинтензивен дожд во Скопје.
„Изминатиот период сведоци сме на редовни поплави при секој поинтензивен дожд во Скопје. Редовно доаѓа до блокада на протокот на води во атмосферската канализација, што предизвикува закочување на сообраќајот. Особено кај клучката кај Континентал, подвозникот кај ул. Бихаќка, бул. Србија, кај царинските терминали и на многу други локации, велат од СДСМ.
-Очигледно е дека градот Скопје не може да се справи со овие состојби, иако дождовите траат релативно кратко, коментираат од опозицијата.Го запрашаа градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски зошто троши астрономски износи од 18 милиони евра за Панорамско тркало? И зошто 11 милиони евра троши на луксузната зграда на ЈП Водовод и канализација, наместо овие пари да се потрошат за зголемување на капацитетот на атмосферската канализација?
Тие го повторија нивниот предлог за продажба на луксузната зграда на ЈП Водовод и канализација и пренамена на овие средства и средствата за панорамското тркало за изградба на атмосферската канализација во интерес на сите граѓани на Скопје.
