Економија, финансии, бизнис

Контакт

Опозицијата повикува на одговорност за дебаклот во ЕУ, Груевски се жали на притисоци

Опозицијата повикува на одговорност за дебаклот во ЕУ, Груевски се жали на притисоци
СДСМ побара премиерот Никола Груевски да поднесе одговорност за тоа што денеска земјава го дожвеа најголемиот пораз и неуспех во евроинтеграциските процеси. Како што изјави Радмила Шекеринска од СДСМ, поразително е тоа што на последниот самит на Европската унија Македонија не успеа да влезе во ниту еден документ.
„Не постоеше ниту една европска држава којашто го отвори повторно прашањето за нашето членство во Европската унија. Ова ќе биде важен, и е важен совет за проширувањето и за регионот. Србија добива датум за преговори, Косово ја добива Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а Хрватска од понеделник станува земја членка на Европската унија", рече Шекеринска. Според неа, со ова Македонија останува на последна од ззападниот Балкан, а премиерот истовремено очајно бара алиби за дебаклот на неговите политики и ја критикува меѓународната заедница и опозицијата која, вели Шекеринска, седум години предупредуваше дека сме на грешен пат. „Груевски е возачот на македонскиот автомобил. Меѓутоа, по политичкиот судар тој ги обвинува пешаците, и улиците, и сообраќајците, па дури и совозачите, само за да ја избегне одговорноста своја и одговорноста на Владата која што ја предводи", истакна Шекеринска. Таа смета дека премиерот е должен да поднесе и лична одговорност за погрешните политики и потези на Владата во поглед на нашето членство во Европската унија. „Ваквата политика, ваквата кусогледност, ваквата различна политичка диоптрија ја доведоа Македонија во овој крајно неповолен и крајно загрижувачки политички момент. Со ваквата политика на барање виновници за сопствените грешки, со барање на виновник за сопствената одговорност или неодговорност, премиерот и владејачката коалиција сериозно ги загрозуваат виталните интереси и на Република Македонија и на сите нејзини граѓани", изјави Шекеринска. Со своја реакција излезе и ЛДП, од каде посочија дека е поразително бришењето на земјава од агендата на Унијата. „Македонија не  е ДПМНЕ и не смееме да се помириме со нејзиното бришење од агендата на ЕУ“, нагласи поранешниот амбасадор во НАТО Нано Ружин. Груевски: Сега притисокот во спорот со Грција е во друга форма Претходно премиерот Груевски во интервју за весникот „Дневник“ претходно истакна дека Европската унија може да ни одземе се, но како што вели, не може да ни ја земе душата. Тој побара Македонија да не подлегнува на ваквите притисоци како што се негативните извештаи за Македонија од меѓународните организации. „Сега притисокот врз нас во спорот со Грција е во друга форма и се манифестира преку различни негативни извештаи за Македонија, што истовремено е и обид за изнаоѓање алиби зошто Македонија не влегува во ЕУ и во НАТО. Поточно, тоа е алиби за нивната немоќ и за немањето волја и интерес на големите сили да ја разрешат оваа неправда што ни ја прави Грција“, вели Груевски.  
Слично

Поврзани вести