Економија, финансии, бизнис

Контакт

Опозиција на опозицијата - Каква ќе биде разврската во социјалдемократскиот раскол

Опозиција на опозицијата - Каква ќе биде разврската во социјалдемократскиот раскол

На македонската политичка сцена единствено што успева да просперира е опозиција на опозицијата. Наместо еден силен субјект кој ќе служи како коректив на власта и алтернатива за креирање политики, веќе подолго време имаме само комфорна влада и неприкосновена позиција на премиерот Христијан Мицкоски, додека пак СДМС со лидерот Венко Филипче не успева да се наметна како квалитетна алтернатива, што поради недостигот на сопствени идеи и правилно насочена политичка комуникација, што поради внатрешниот раскол и партиските фракции. 

Претставувањето на платформата предводена од Игор Ивановски Шема, Андреј Петров, Гордан Георгиев но, и присуството на актуелните опозициски пратенички Славјанка Петровска и Моника Зајкова, треба сериозно да го замисли Венко Филипче дали навистина има целосна контрола над сопствената пратеничка група во Собранието. 

Уште на изборите во 2024 година беше јасно дека Филипче мора да ги прифати пратеничките листи кои беа компромис со претходните раководства и поранешните функционери, но доколку нема единство сосема јасно е дека му се потребни предвремени парламентарни избори. 

Тука ќе може да креира пратенички листи целосно по сопствен вкус и целосно да расчисти со сите неистомисленици, користејќи го во своја полза некогаш моќниот политички бренд на СДСМ. 

Но, појавата на нови фракции, движења, а потоа и политички партии се повеќе го урива брендот на СДСМ водејќи кон состојба во која повеќе опозицијата не мора нужно да биде предводена од оваа партија, оставајќи ја на маргините на македонската современа политичка историја. 

Нивото на комуникација на СДСМ повторно се покажа како неразбирливо за пошироката јавност и на моменти дури и непотребно безобразно, дрско, самоволно и панично. 

Некогаш беше незамисливо СДСМ да го користи речникот на предавници и платеници и на вака директно и безобѕирно напаѓање на сопствените членови, истомисленици и соборци. 

Тој вакуум во опозицијата неминовно е некој да го пополни, можеби тоа ќе биде некоја нова социјалдемократска структура произлезена од редовите на СДСМ во обид директно да се пресмета со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, за разлика од ЗНАМ кои влегоа во владата и од таква позиција сакаа да ја прошират партијата на национално ниво по успесите во Куманово. 

ЗНАМ има постојан пад на анкетите и повеќе нема толку привлечна моќ, да биде светкав лампион на врвот на елката, кој треба да ги привлекува кадрите на СДСМ во сопствените редови. 

Ситнењето на СДСМ може да продолжи токму преку оваа нова платформа која нема да почне како политичка партија туку како внатрешна фракција, а потоа и да стане опозициски магнет за собирање на незадоволство во општеството и критичките настроени активисти кои бараат канал преку кој ќе делуваат против власта, наместо да се чувствуваат како „спотери“.

Надвор од воспоставените партии речиси и да нема никакво опозициско дејствување, што е несфатливо кога левицата ја нема власта. Како прогресивното движење, невладиниот левичарски сектор и граѓанските активисти да ја чекаат разврската во борбата внатре меѓу нив, наместо да ја насочат енергијата во борбата против десницата. 

Генерално незадоволството се „троши“ преку гневни статуси и објави на социјалните мрежи, но вистински граѓанско и опозициско делување и канализирање на тоа незадоволство го една кохерентна политичка понуда засега не е јасно отцртано. Ниту пак има глас кој ќе ги повика граѓаните да се оттргнат од воспоставените партиски стеги и да им ја одземат преголемата моќ која им беше доделена во последните над 30 години, но прашање е дали постои таква политичка култура и желба за промени во оптштеството, наспроти борбите во партиските комитети. 

Х.С.

Слично

Поврзани вести