Онлајн меѓународна арбитражна конференција „Бизнисот и арбитражата во ерата на глобализација: Предизвици и перспективи“
Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија во рамки на своето децениско искуство и работење се залага за афирмација и интензивирање на примената на арбитражата во трговските спорови, со оглед дека постоењето на ефикасен систем на правна заштита е предуслов за поволна бизнис клима и непречено работење на реалниот сектор.
Арбитражата претставува алтернативен начин на решавање на споровите што овозможува брза и ефикасна наплата на побарувањата, избегнување на строгите формалности на судската постапка, како и доверливост и стручност во постапувањето од страна на непристрасни и независни лица (арбитри). Притоа, исходот на арбитражната постапка е ист како и на постапката пред редовните судови –донесување на одлука која е конечна и правнообврзувачка за странките.
Во рамки на своите заложби за развој на арбитражата и доближување на европските искуства кон македонската арбитражна практика, Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија со поддршка на Централно-европската иницијатива (ЦЕИ)организира ONLINE МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА 11-12 МАЈ 2021 ГОДИНА, НА ТЕМА „БИЗНИСОТ И АРБИТРАЖАТА ВО ЕРАТА НА ГЛОБАЛИЗАЦИЈА: ПРЕДИЗВИЦИ И ПЕРСПЕКТИВИ“.
Во рамки на оваа конференција, која традиционално се организира по петти пат, учество како говорници ќе земат истакнати експерти, теоретичари и практичари од земјата и од странство, вклучувајќи адвокати од водечките светски адвокатски друштва, арбитри со децениско искуство и универзитетски професори со широки познавања во полето на арбитражата.
Програмата на Конференцијата ќе биде посветена на актуелни теми од областа на арбитражата, со посебен осврт на влијанието на глобализацијата и пандемијата на КОВИД - 19 врз арбитражното решавање на споровите, практичните прашања поврзани со ефикасноста на арбитражните постапки, примената на арбитражата во клучните сектори, признавањето и извршувањето на странските арбитражни одлуки во земји од Централна и Источна Европа, како и легитиметот на меѓународната арбитража.
Арбитражата ги поканува сите заинтересирани лица од бизнис заедницата, правосудната фела и пошироката јавност да земат учество на настанот кое е БЕЗ НАДОМЕСТОК!
Лица за контакт:
- д-р Елена Милевска Штрбевска, е-адреса: elena@mchamber.mk, телефон: 02/3244-023, 071/831-024;
- м-р Нена Николовска, е-адреса: nena@mchamber.mk, телефон: 02/3244-054.
|
Договарњето и примената на арбитражата е на доброволна основа, согласно склучена арбитражна спогодба меѓу странките во вид на арбитражен компромис или арбитражна клаузула. За договарање на надлежноста на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија ја препорачуваме следната модел – клаузула: „Сите спорови кои ќе произлезат од овој договор или во врска со него, вклучувајќи ги споровите за неговата полноважност, ќе се решаваат пред Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, во согласност со Правилата на Постојаниот избран суд – Арбитража“ |
