Онкологија и буџет: Зошто раното откривање штеди милиони?
Автор: Филип Ачкоски, м-р по фармација, д-р по бизнис администрација, извршен директор во фармацевтска индустрија, медицински писател и здравствен едукатор со повеќе од 20 години искуство на пазарите во Југоисточна Европа. ТопЕдукатор.
Раното откривање на канцер не е „луксуз“, туку здравствена и финансиска неопходност!
Канцер откриен во касна фаза е голгота за пациентот и семејството, која не би му ја посакале ни на најлошиот душман, и за жал многу често има фатален крај.
Колку чини систематско задоцнето откривање на канцер? Милиони евра, човечки страдања и животи. Од друга страна заштедата од откривање на канцерите во рана фаза е огромна.
Како еден близок пример кој ја потврдува оваа констатација ја земаме студијата за
регионот на Војводина (Србија), каде е пресметано дека вкупниот економски товар од рак на дојка во 2019 е проценет на 15 милиони евра, што изнесува 0,12 % од регионалниот БДП (PMC). Од овие трошоци само 1 % отпаѓаат на скрининг, додека 66 % се индиректни трошоци (недостиг на продуктивност, боледувања, разни компликации)( PMCResearchGate).
Слично, во држави со развиени програми за скрининг, лечењето на пациенти со рана дијагноза за рак е 2 до 4 пати поевтино од лечење во понапредни, комплицирани фази (World Health Organization).
Студија за дигитална мамографија (Канада) проценила дека годишниот скрининг на пациентките од 40-74 години е многу исплатлив. Секоја спасена смрт од рак всушност значела заштедени:
25.501 CAD$ по избегната смрт
1.100 CAD$ по добиена година живот (life‑year) (JAMA Network).
Македонската перспектива — слична вредност, потенцијално уште посилен ефект
Македонија нема детална домашна студија, но логиката е недвосмислена: како и во Војводина, која има сличен број на жители и споредливи економски параметри, штетите од рак на дојка би биле околу 15 милиони евра.
Годишниот скрининг на пациентките од 40-74 години ќе биде исплатлив трошок кој ќе придонесе за:
· Помалку хоспитализации и скапи третмани.
· Многу спасени животи и спречени семејни трагедии.
· До 66 % помалку индиректна економска штета (пропуштени приходи, работоспособност).
Според тоа — што да може да направи Македонија по ова прашање?
· Инвестирање во целосно покривање на скрининг-програми за рак на дојка, колоректален канцер, рак на грло на матка, канцер на простата, белодробен канцер и други.
· Унапредување на системот за рана дијагностика во примарната здравствена заштита.
· Изградба на економски модели (QALY, ICER) кои ќе потврдат колку заштеда носи секоја рано откриена канцерозна состојба.
· Едукација за подигнување на здравствената свест (од најрана возраст а особено на работоспособната популација)— не е трошок, туку најдобра инвестиција.
Заклучок
Раното откривање на канцер не е опција, тоа е здравствен и економски императив. Во пракса, релативно исплатливо решение —скрининг и рана дијагноза — може да го реши најголемиот дел од економските загуби поврзани со онкологијата.
Во Македонија, инвестицијата во скриниг е најисплатливиот фармакоекономски модел кој ќе спаси животи, промени многу трагични судбини на граѓаните, и на крајот на денот ќе заштеди милиони од буџетот.
