ОНЕ Македонија телекомуникации ја доби дозволата за работа како трет мрежен мобилен оператор, ќе им плаќа на конкурентите за мрежата додека изгради своја
„ОНЕ Македонија телекомуникации“ на унгарски „Фор - ај - џи“ во Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) го доби одобрението за работа како трет мрежен мобилен оператор во државата. Од таму рекоа дека првите клиенти ги очекуваат во првиот квартал од 2027 и дека во меѓувреме ќе се работи на воспоставување на сопствената мрежа.
Директорот за мобилни и 5Г стратегии на групацијата 4ИГ, Пал Заранди, пред медиумите рече дека ќе биде потребно време за третиот мобилен оператор целосно да започне да работи независно.
- Ќе ги користиме прво мрежите на другите оператори кои што се наши конкуренти. Бидејќи националниот роаминг тука е законски регулиран,тие ќе мора да ни ја дадат на користење сопствената мрежа. Но, бидејќи таа варијанта е скапа, ние ќе гледаме што побргу да излеземе од пристапот на националниот роаминг и да бидеме незавиосни, рече Заранди.
Тој рече дека 2032 е крајниот рок за целосна покриеност, а 4ИГ својата мрежа прво ќе започне да ја гради во поголемите градови и автопатите. Заранди додаде дека со самото тоа што унгарската компанија ќе инвестира во се од почеток, го потврдува сериозниот пристап.
- По Албанија и Црна Гора, ние доаѓаме со познавање на регионот. Повеќето европски земји имаат и до четири оператори, а овде ќе има само три. Клиентите ќе ги привлечеме со тоа што ќе понудиме поатрактивни услуги и цени и напредна 5Г технологија. Додека ја градиме мрежата, ќе го истражуваме и пазарот со луѓе кои ќе ги ангажираме, додаде Заранди.
Игор Бојаџиев, раководителот на секторот за телекомуникации од АЕК, рече дека „ОНЕ Македонија телекомуникации“ ќе биде првиот мобилен оператор кој ќе гради т.н. „stand alone“ 5Г мрежа.
- Државата веќе го добие своето - 8 милиони евра за пристап до фреквенциите. Беа исплатени на 14 јануари. Ќе се вработат млади инженери од областа на телекомуникациите. Определени македонски компании ќе имаат можност за соработка, а повеќе ќе ја нема онаа забелешка уште од 2016 на Европската комисија дека нема конкуренција во Македонија кај мобилните оператори, нагласи Бојаџиев.
„ОНЕ Македонија телекомуникации“ ја добива дозволата откако го уплати еднократниот надомест за трите фрекфенциски опсези, што се доделуваа со тендерот на АЕК, во вкупен износ од 8.020.003 евра. Со тоа компанијата може да почне со работа теоретски веднаш, односно да побара пристап преку мрежите на постојните оператори до изградба на своја инфраструктура.
Новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г, до крајот на 2028 година главните коридори во согласност со договорот за основање транспортна заедница на основната и за сеопфатната патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5Г-сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата. До крајот на 2032 година се очекува секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата 4иГ, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата 4иГ ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.
На македонскиот пазар моментно работат „Македонски телеком“ АД Скопје и „А1 Македонија“ ДООЕЛ Скопје, како и виртуелните оператори „Лајкамобајл“ ДООЕЛ Скопје, „Мтел“ ДООЕЛ Скопје, „Роби“ ДООЕЛ Штип и „Греен телекомуникации“ ДОО Прилеп.
Заклучно со третиот квартал лани, бројот на активни претплатници во мобилната телефонија изнесува 2.105.467. Резиденцијални припејд-претплатници се 833.089, резиденцијални постпејд 1.024.072, а деловни постпејд 248.306.
Според податоците на АЕК за третиот квартал лани, „А1 Македонија“ има 47,41 проценти удел во вкупниот број претплатници, додека „Македонски телеком“ - 46,68 проценти.
А,К.
