Он лајн петиција за Тодоров да испие чаша вода од Дојранско езеро
Доведена е во прашање безбедноста на водата во Дојранското езеро, а министерот за здравство, Никола Тодоров изјави дека водата е добра за капење и дека податоците од анализите се ставени во погрешен контекст.
Како реакција на изјавата на министерот за здравство Никола Тодоров, кој убедува дека водата во Дојранското Езеро е добра за капење, покрената е онлајн петиција.
Со петицијата се бара Тодоров да се напие чаша вода од езерото, за да докаже дека лабараториските резултати на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје се погрешни.
„Бидејќи делата се погласни од зборовите, бараме министерот да стави крај на дилемите на граѓаните и со свечено пиење чаша вода од Дојранското езеро да ни покаже дека ова лето безгрижно може да лудуваме во исправните води на дотичното езеро“- стои во онлајн петицијата.
Претходно, Институтот соопшти дека Дојранското езеро е загадено и издаде забрана за капење на четири плажи, а од Инспекторатот, пак, велат дека водата во езерото е од трет степен и е небезбедна за капење.
Сепак, дојранчани потврдија дека и покрај овие забрани туристите не се откажуваат од летување во Дојран. Во јавноста се појавија и информации дека ова е обид да се фрли црна дамка на туризмот во Дојран. Дури и политиката се вмеша во целиот случај, а имаше и крштевање на дете во водите на езерото откако се појавија информациите за безбедноста на водата.