Омикрон доминира во Грција
Загрижувачка e ковид состојба во Грција, a омикрон веќе е доминантен сој.
Бројот на новозаразени во Грција денеска се очекува да надмине 15.000 лица, вели министерот за здравство Танос Плеврис, кој говорејќи за грчките медиуми ја остави отворена можноста, новите мерки најавени за во понеделник да стапат во сила порано, пред Нова година, пишува Катимерини.
Новите мерки планирани да стапат во сила на 3 јануари, предвидуваат угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично да затвораат на полноќ. Дозволено ќе биде да има до шест лица на една маса, а забрането е стоење. При тоа до 50 отсто од вработените во јавниот и приватниот сектор ќе работат од дома, а спортски натпревари ќе бидат со 10 отсто публика или најмногу 1.000 лица. Но, со оглед на новата ситуација со омикрон, можно е мерките и порано да стапат на сила.
Овој сој го има и во другите балкански земји. Во Македонија беше потврден еден случај. Сојот првично се појави во Јужна Африка.
