ОМД: Македонскиот народ единствено сложен може да се соочи со сите премрежја
Македонскиот народ единствено сложен може да се соочи со сите премрежја, порачуваат од Обединетата македонска дијаспора.
По повод 25-годишнината од македонската независност, ОМД повика на единство во земјата.
Од ОМД велат дека наша должност кон претходните генерации и кон тие што ги жртвуваа животите за независна Македонија и наша обврска кон идните генерации е да не отстапуваме од вековниот идеал.
„Имаме уште многу работа и борба пред себе. Да се грижиме и да се бориме за опстојување и просперитет. Македонскиот народ единствено сложен може успешно да се соочи со сите премрежја што му претстојат. Не смееме да си дозволиме поделба по верска и политичка основа“ - стои во соопштението од ОМД. Изминативе неколку години, сметаат дека сериозно е нарушен вековниот идеал. „Што ќе научат нашите деца од нас ако се делиме на вакви и такви, како едните ќе ги сакаат другите?“ - додаваат во соопштението. Од ОМД повикуваат на единство и на постојана поддршка за иднината на Република Македонија, и, како што посочуваат, и на Македонците кои живеат во Грција, Бугарија, Албанија, Србија и Косово. Велат дека ова е празник на сите Македонци без оглед на нивната етничка и верска припадност или моментално место на живеење. Македонија и Македонците продолжуваат да бидат симбол на слобода на Балканот, наведуваат од ОМД.
ОМД ветува дека ќе продолжи неуморно да работи на меѓународниот углед на државата, за интересите и потребите на Македонците во светот и во матичната држава, притоа штитејќи го унитарниот македонски национален интерес од сите надворешни и внатрешни притисоци и негативни влијанија.
