ОМ на протест пред Идризово: Селективна правда -бавна неправда!
Протестот пред затворот Идризовo во организација на Обединети за Македонија е порака до директорот на оваа институција конечно да биде на висина на својата задача и да реагира професионално, онака како што налагаат законите, а не партиските притисоци-вели за Фактор, Михаил Новковски претседател на градската организација на Обединетата младина за Македонија. Тој очекува да победи правдата која како што вели не треба да биде селективна туку еднаква за сите граѓани и треба да му обезбеди слобода на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски бидејќи согласно Законот за извршување на санкциите на осудено лице кое за време на одслужување на казната било примерен осуденик, директорот на установата може да го отпушти осуденото лице и пред истекот на казната ако издржало најмалку 3/4 од казната затвор и ако не добило условен отпуст и тоа до 30 дена за казна затвор до една година, до 90 дена за казна затвор до пет години и до 120 дена за казна затвор над пет години.
“Ние се собираме со цел да му дадеме поддршка на директорот на затворот Живко Пејковски да се охрабри и да ги победи партиските директиви, да се запише во историјата како не послушник кој ги крши законите и работник под директива- вели Се надеваме дека ќе го победи стравот и ќе го потпише документот кој со што ќе се исправи неправдата која траа скоро пет години. Ние не бараме чуда, туку право на помилување како на секој затвореник што му е задоволено ова право да се спроведе и ке нашиот лидер ништо повеќе да го почитува мислењето на затворското оделиние кое има дадено позивно мислење за отпустот и судот кој го потврдува истото, ништо повеќе”-вели Новковски.
Македонија последниве десетина години според него ги стимулира младите полесно да се одлучат да ја напуштат земјава, особено поради лошите образовни и економски политики, невработеноста и лошо платените работни места но пред се и поради недовербата кон институциите. Нејасно е вели како надлежните очекуваат некој да верува во системот во кој преку ноќ невини луѓе може да одговараат за дела кои не ги направиле или им биле подметнати, а други слободно да шетаат заштитени под “партиски чадор”.
“Македонија под водство на Груевски десет години се назадува и ги брка младите од својата земја, таа погубна политика има осмислено цела стратегија за “долговечност” со што иселувањето на младите им е од полза. Младите се луѓе кои си ја сакаат татковината но бараат прооден пат низ темнината која надвиснала цели десет години, тука се и интелектуалците кои неможеш да ги поткупиш со вреќа брашно или 5 отсто повисока плата пред избори, а трошоците си ги зголемил за 60 отсто со што на сите си им го скратил, а не олеснил животниот опстанок. Младите не живееат туку преживуваат. Тоа мора да го смениме”-потенцира Новковски.
Тој како дел од Обединетата младина очекува подобра иднина во земјава но како што вели со коренити промени кои мора да поминат низ еден демократски процес ослободен од партиско-политички притисоци. Желбата да се биде припадник или симпатизер на некоја политичка опција според него треба да се темели на личните убедувања, а не на притисокот и заканите. Новковски минатата година беше дел од Средношколскиот пленум, а оваа година како студент вели одблиску ги согледува проблемите кои ги мачат младите луѓе, условите во кои студираат и живеат неговите колеги, особено оние кои доаѓаат од внатрешноста, а нивните родители го трошат и последниот денар за да им обезбедат пристојно школување. Нереални се вели ветувањата на актуелната власт која пред избори за купување на политички поени им ветува на младите бенефиции кои се економски неодржливи за останатите граѓани на чиј товар ќе падне нивната отплата. Па така наместо за ветувања без долгорочни ефекти, треба да се размислува за подобар животен стандард во кој секој граѓанин ќе добие услови за квалитетен живот и семеен буџет со кој ќе може да си обезбеди достоинствено живеење.
“Јасна ни е на сите сликата на дел од студентските домови каде условите се идентични на македонските затвори со што со нивното сместување таму однапред сме ги осудиле. Беспарицата на нивните родители и желбата да станат академски граѓани ги прави приморани да ги затворат очите пред суровата вистина на условите каде треба да живееат. Затоа мора да се бараат долгорочни и стратешки решенија за овие проблеми”-вели Новковски.
Поставувањето на двоглавиот орел во општина Чаир и камен темелникот за крст во општината Бутел според него уште еднаш на површина ги извадија политичките игри со кои владејачките структури сакаат да ја дефокусираат јавноста, па наместо за економската и политичката безизлезност граѓаните ќе размислуваат за немири, тензии, одмазда.
“За настаните во Бутел можам само да им порачам на нарачателите дека смислената игра за подгревање тензии не им успеа и однапред е прочитана бидејќи верата не смее да биде дел од ниедна политичка кујна и истата не смее да се сквернави од било кого.Слични обиди имало и досега но граѓаните веќе знаат да ги препознаат. Јас како жител на Ѓорче Петров се сеќавам дека по убиството на Ангел Петковски народот без никаква наредба сам и спонтано се собра да го изрази револтот за згаснатиот млад живот. Полицијата ја злоупотреби моќта и удри по сопствениот народ по што состојбата излезе од контрола. По насилството на полицијата народот почна да се брани од тие што треба да го заштитат и да не заборавиме беа апсени претежно млади луге кои завршуваа во притвор за нарушување на јавен ред и мир. Судството веднаш реагираше со притвори, а сега сме сведоци дека спроведува селективна правда па не можеше да се охрабри и да изрече притвор во јасни случаи каде се инволвирани високи функционери и каде има непоборливи докази за злосторничко здружување и дела поврзани со огромни криминали. Која е пораката тогаш за професионалноста на институциите?” -прашува Новковски.
Оттука според него потребно и логично е секој граѓанин да почне да размислува за својата и иднината на своите деца бидејќи се потребни промени кои ќе значат подобар живот за сите, ослободен од стеги и притисоци и со можност секој да си го каже својот став, а без притоа да се врти постојано назад и да се плаши дали некој ќе му ја скрои судбината за јавно искажаниот збор. Само така вели членот на Обединетата младина на Македонија, може да се очекува дека во земјава има реални можности за конечен излез од кризата и враќање на вистинските демократски вредности.
С.Б.
