Колку струја произведува ЕСМ и како тоа го пакува ПР тимот во Владата?
ПР тимот на Владата го глорифицираше 24 октомври како ден без увоз на струја и заклучи дека ЕСМ целосно ги задоволил потребите на домаќинствата и најмалите потрошувачи. Па, на ЕСМ и му едниствена работа да ги задоволи тие потреби. А кога ќе ги извадат розевите очила од ПР тимот ќе видат дека тој ден ЕСМ „успеал“ да ангажира „дури“ 46% од својот инсталиран капацитет, а тој ден увозот во електроенергетскиот систем бил околу 2.000 мегаватчасови што е над 15 отсто од целата потрошувачка. А домашните фирми кои го сервисираат буџетот никој не ги есапи, тие нека плаќаат маџарски цени за бугарска струја
Владата објави дека домашната државна компанија за производство на струја ЕСМ (поранешно ЕЛЕМ) на 24 октомври успеала да ги покрие целосно потребите на малите потрошувачи и на домаќинствата. Во насловот на веста е потенцирано без увоз . Дали ова треба да биде глорификација на успех? Дали владиниот ПР тим ја има комплетната слика и го знае целиот контекст односно потрошувачката за тој ден?
Еве ги фактите:
Според диспечерскиот извештај на МЕПСО достапен на овој линк https://www.mepso.com.mk/files/mk/dnevni/%D0%98%D0%BD%D1%84%D0%BE%D1%80%D0%BC%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%20%D0%B7%D0%B0%2024.10.2022.pdf тој ден потрошувачката на струја била над 13.000 мегаватчасови, а ЕСМ од својот термо и хидро капацитет производел 11.061 мегавачас. Значи увоз сепак имало. Точно би било да се каже дека ЕСМ не увезол струја, а и би било срамота на ова топло време и на големината на инсталираниот капацитет да увезе.
Следно и поважно. Колку навистина произвел ЕСМ струја тој ден?
Вистината е дека најголемата производна компанија од своите термоцентрали тој ден произвела 8.665 мегаватчасови струја. И колку е тоа? Тоа е помалку од половина од тоа што, теоретски или на хартија, може или треба да може да го произведе ЕСМ. Неговите термоцентрали РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј заедно имаат инсталиран производствен капацитет од 810 мегавати, а на 24 октомври просечно во функција биле 361 мегават односно 44,6% од инсталираниот капацитет.
Дали ЕСМ е во кондиција на почеток на зимската т.е. грејна сезона за производство на струја? Еве фактите покажуваат дека само 45% од неговиот капацитет тој ден бил во функција. И при тоа работеле три од вкупно четири термо работни единици (две во РЕК Битола и едната во ТЕЦ Осломеј).
Со ваков конзум ЕСМ во подобрите денови би можел сам во целост и без многу напор да произведе над 13.000 мегаватчасови за еден ден. А како ќе биде во претстојната грејна сезона останува да видиме.
Р.Ф.