Оливер Деркоски, поранешниот претседател на ДИК, стана бизнис директор
Поранешниот претседател на Државната изборна комисија, Оливер Деркоски, е назначен за директор на едно од двете официјални депоа во Македонија за најголемите бродски компании во светот како Маерск, Евергрин, COSCO, Хапаг Лојд и други.
Депото „Блу Бел“ во Гази Баба со кое ќе раководи Дерковски е на „Навико Шипинг“, компанија специјализирана за бродско-контејнерски транспорт на стоки за Македонија која е највисоко рангирана во регионот. Второто депо на оваа компанија е во Гевгелија на самата граница со Грција.
„Навико Шипинг“ има повеќе од 2000 клиенти со промет од над 16.000 бродски контејнери годишно, а најмногу раководи со суровините што доаѓаат во земјава од Кина и Индија, при тоа градежни материјали, пластика, памук главно од и до пристаништето во Солун.
Деркоски е поранешен директор на Македонски железници - Транспорт, а интересно е тоа што „Навико Шипинг“ е една од компаниите кои најмногу ги користат услугите на ова претпријатие за транспорт на стока во Македонија. Потоа тој во 2018 беше избран за претседател на ДИК, функција која ја извршуваше до 2021.
Во телефонски разговор тој ни ја потврди информацијата, но рече дека се уште е рано да дава детали за своите активности околу новиот ангажман. Подоцна не успеавме повторно да го исконтактираме.
„Навико Шипинг“ им овозможува на своите партнери да не ги преземаат контејнерите од пристаништето Солун, туку од депоата во Скопје и во Гевгелија. Компанијата е една од првите приватни и најголеми шпедитери во Македонија која е основана како семејна компанија во 1996 година.
Опслужува и некои од Top Fortune Global 500 компаниите на листата. Има до 200 вработени а делокругот на работата е испорака со контејнери, посредување, изнајмување на бродови, царински формалности, операции во депо, транспорт и масовен товар.
A.K.
