Олеснување на трговијата во ЦЕФТА регионот преку признавање на сертификати и процедури
Eдно од најголемите достигнувања на ЦЕФТА во 15 годишната имплементација на договорот е подобрувањето на трговските односи во регионот. Студиите покажуваат дека напорите на ЦЕФТА резултираа со зголемување од 74 отсто на трговската размена меѓу страните и раст на извозот за 44 проценти.
Една од главните алатки што дополнително ќе овозможи олеснување на трговијата е признавањето на програмите за Овластен економски оператор во ЦЕФТА. Овластен економски оператор (ОЕО) е субјект одобрен од царинските управи да користи царински и безбедносни олеснувања и/или поедноставувања. Покрај увозниците и извозниците, за вакво одобрение може да поднесе барање и производител, транспортер, застапник во царински постапки, имател на царински склад, доколку ги исполнуваат пропишаните критериуми и услови.
Компаниите имаат директни придобивки од ОЕО статусот како што се: полесен пристап и царински поедноставувања - издадено одобрение за спроведување на поедноставени постапки без повторна проверка на критериумите кои биле проверени при контролата пред да се издаде одобрението за ОЕО. Значително е намалено времето на утврдување на увозните декларации, важно е и претходното известување, надлежната царинска испостава за прием на тие декларации ја известува фирмата кога пратката е избрана за физичка контрола или контрола на документи, тие контроли се вршат со приоритет, а може да се побара и друга локација за контрола.

„Да се има статус на Овластен економски оператор значи дека компанијата ги исполнува економските и безбедносните стандарди за водење на надворешна трговија. Со добивањето на статусот Овластен економски оператор, домашните компании ќе ги имаат истите поволности низ целиот ЦЕФТА регион, што подразбира поедноставени царински постапки, приоритетен третман во царинските контроли, намален број на физички и документациски контроли, избор на место на контрола итн. Концептот на овластен економски оператор ја прави трговијата побезбедна, побрза и поефикасна“, вели Данијела Гачевиќ, виш технички експерт за олеснување на трговијата во Секретаријатот на ЦЕФТА.
Друга важна алатка во процесот на олеснување на трговијата е Системот за електронска размена на податоци. СЕЕД е платформа за размена на податоци меѓу царинските органи во ЦЕФТА Западен Балкан 6 кој безбедува систематска електронска размена на информации пред пристигнувањето на стоките на сите контолни точки во Западен Балкан. Системот овозможува проверка на податоци и подготвеност за сите видови процедури: извоз/транзит/увоз, поедноставени процедури, ТИР/ATA карнети, како и празни камиони. Ваквата редовна и систематска размена на податоци меѓу сите страни на ЦЕФТА го подобрува олеснувањето на трговијата и регионалната економска интеграција.
Досега, СЕЕД беше имплементиран за поддршка на размената на податоци меѓу царинските органи и работи на начин што кога се врши извозно царинење во извозната царинска испостава во појдовната царинска управа, договорениот сет на податоци од тој извозен/транзитен документ автоматски се извлекува од царинската управа на заминување и е препратен до соседната царинска управа. Следствено, сите релевантни царински управи имаат информации за пратката најмалку неколку часа пред стоката да пристигне. Ова предвидува дека царинската управа има доволно време да направи соодветна анализа на ризик. Надоврзувајќи се на ова, сега го прошируваме системот за да вклучиме други агенции вклучени во царинењето на стоки“, вели Една Караџа, проект менаџер на СЕЕД+.
Во 2021 година СЕЕД беше проширен за да обезбеди размена на податоци за поддршка на зелените ленти/коридори и регионалното управување со царинскиот ризик. Во моментов, фокусот е на имплементацијата на ЦЕФТА TRACES NT, изградена на изворниот код на ЕУ TRACES NT обезбеден од DG SANTE, за поддршка на генерирањето и обработката на фитосанитарни, ветеринарни и фармацевтски сертификати и документи за влез во ЦЕФТА страните во согласност со практиките на земјите-членки на ЕУ, како што се споделување и размена на поврзани податоци, информации и документи. Исто така, се работи на воспоставување брза размена на информации за неусогласени пратки за животни и стоки (безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика слична на EU RASFF, EUROPHYT и ADIS) со што ќе се олесни управувањето со ризикот на одбиените пратки. Сето ова дополнително ќе го намали времето на чекање на премините, ќе ги поедностави инспекциските процедури, ќе ги намали формалностите и ќе ги намали трговските трошоци за операторите.
Програмата ОЕО и другите договори за взаемно признавање ќе ги намалат трговските трошоци и времето поминато на премините, ќе овозможат производите и услугите побрзо да стигнат до пазарот на ЦЕФТА и ќе помогнат во отстранувањето на нетарифните бариери меѓу страните. Во рамките на регионалната трговска агенда, активностите на ЦЕФТА се насочени кон олеснување на трговијата со стоки и услуги.
