ОКТА во првата половина на 2015 бележи профит од 151 милиони денари
Поради зголемен пазарен удел на домашниот пазар, пониски оперативни трошоци ,стабилизирани цени на меѓународниот пазар и прилагодената ЕБИТДА во вториот квартал на 2015 ОКТА достигна 247 милиони денари во првата половина на 2015 година, наспроти остварените 30 милиони денари истиот период минатата година.
„Како резултат на ова, профитот пред оданочување во вториот квартал достигна 151 милион денари, што доведе до кумулативен финансиски резултат од 118 милиони денари во првата половина на 2015 година, што е значително подобрување од минатогодишната загуба од 316 милиони денари која беше преоптоварена со Програмата за доброволно пензионирање на вработените, a изнесуваше 224 милиони денари. Исто така треба да се напомене дека деловното опкружување во Европа, особено во Балканскиот регион, останува нестабилно, со значителни предизвици и ризици до крајот на годината.
Оперативниот готовински тек останува на многузадоволително ниво, при што готовината на располагање ги надмина позајмиците за 615 милиони денари. Од почетокот на годината, ОКТА успешно комплетира поголем дел од нејзината програма за капитални инвестиции, со цел надградба на инсталациите и достигнување на најновите стандарди за заштита на животната средина“, стои во соопштението на ОКТА.
Како дел од својата компаниска култура, која ја вреднува корпоративната општествена одговорност, ОКТА продолжи да поддржува проекти кои значајно придонесуваат за потребите на заедницата. Компанијата донираше противпожарно возило, дополнителна противпожарна опрема и обезбеди соодветна обука за членовите на доброволното противпожарно друштво на Општина Илинден. Паралелно со нејзиното континуирано вложување во здравствениот сектор преку кампањата Шанса за живот, ОКТА исто така има позитивно влијание и во социјалната сфера, преку спонзорство на традиционални културни настани и учество во различни студентски и невладиниеко иницијативи.

