Економија, финансии, бизнис

Контакт

Окта со 3 милиони евра загуба за 9 месеци

Окта со 3 милиони евра загуба за 9 месеци
Лоши финансиски резултати за првите три квартали од годината за Окта не се обесхрабрувачки – компанијата е задоволна што ги намалиле загубите од лани, кои за првите девет месеци изнесуваа 6,5 милиони евра. Дури 3 милиони евра загуба книжи единствената Рафинерија во Македонија, Окта, во првите три квартали од годинава. За разлика од оваа  и минатата година, Рафинеријата која продава и на домашниот, но и на српскиот и косовскиот пазар, во 2011 година оствари профит од 4,9 милиони евра. Анализата на неконсолидираниот финансиски извештај на Окта за периодот јануари – септември годинава, објавен на Македонската берза, покажува дека оваа нафтена компанија инкасираше 328 милиони евра од продажба на нафта и нафтени деривати во земјава и странство, што е за  107 милиони евра помалку приходи во касата на Окта во споредба со истиот период лани. Од продажба на нафтените деривати во Македонија Окта оствари 243 милиони евра, наспроти инкасираните 300 милиони евра лани, во првите 3 квартали. Од продажба на странските пазари пак, Окта за 9 месеци наплати само 85 милиони евра, за разлика од лани кога сумата достигна 135 милиони евра. Овогодинешната загуба од работењето за првите 9 месеци од годинава од Окта не ја коментираат како загрижувачка. Раководството на компанијата јавно вели дека се задоволни што ја намалиле загубата споредено со истиот период лани. Велат, воведените промени во комерцијалната политика како и подобрувањето на ефикасноста во организационата структура придолене да се намали минатогодишната загуба.
“ Позитивниот тренд на финансиските перформанси започнат во вториот квартал, продолжи и во третиот квартал од 2013 година. Финансиските резултати на ОКТА АД - Скопје за третиот квартал од 2013 во споредба со третиот квартал од 2012 година се подобрени. Најзначајна причина за ваквото подобрување е продолжување на ефектот од воведените промени во комерцијалната политика како и подобрувањето на ефикасноста во организационата структура. Во третиот квартал од 2013 година, стабилизираниот обем на продажба подеднакво на домашниот и на странскиот пазар доведе до бруто добивка од 430 милиони денари и нето добивка од 156 милиони денари. Гарантираното и континуирано снабдување на потрошувачите со деривати со највисок квалитет останува еден од главните приоритети на компанијата. И покрај предизвикувачките услови, како внатрешни така и надворешни, во кој компанијата делува, ОКТА ќе продолжи да функционира како една од најголемите компании во земјата, работејќи во интерес на сите заинтересирани страни“, велат од Окта.
Иако од единствената Рафинерија во Македонија уверуваат дека  континуираното снабдување на потрошувачите со горива со највисок квалитет останува еден од нивните главни приоритети, не објаснуваат каква е нивната идна стратегија за работа и за можно времено затворање на погоните. Во контекст на енормната загаденост на воздухот во Скопје, овие денови претставници на Владата обелоденија дека покрај Макстил и Окта не работи веќе две недели. За сега компанијата не се огласила зошто и до кога нема да работат. К.П              
Слично

Поврзани вести