„Окта“ отпушта вработени
Рафинеријата „Окта“ го намалува бројот на вработени. До понеделник 186 работници кои се на списокот како кандидати за доброволно заминување со отпремнина треба да се изјаснат дали се согласуваат со понудените услови.
Од „Окта“ објаснуваат дека не се работи за присилно заминување, туку за стандардна политика на компанијата да им понуди можност на вработените доброволно да го прекинат работниот однос.
На листата се вработени што имаат седум или помалку години до пензија, на кои им се нудат неколку варијанти за заминување. Така, на пример, оние што имаат пет години до пензија би добиле испратнина во висина на 36 плати. Досега од сите 186 лица, 120 се изјасниле дека сакаат да заминат во пензија со отпремнина.
Рафинеријата не преработува сурова нафта повеќе од една година. Менаџментот на компанијата тврди дека тоа е во интерес и на сопствениците, но и на вработените бидејќи производството создава загуба. Според нивните пресметки, при работа се создаваат загуби од 70 до 75 долари за секој преработен тон сурова нафта.
Дури 3 милиони евра загуба прокнижи единствената рафинерија во Македонија во првите три квартали од изминатата година. За разлика од лошите 2013-та и 2012-та, рафинеријата која продава и на домашниот, но и на српскиот и косовскиот пазар, во 2011 година оствари профит од 4,9 милиони евра.
Слично
