ОКТА и покрај загубата ќе исплати дивиденда: Колкава ќе биде?
Нето дивидедна за секој домашен акционер (по одбиток на персоналец) изнесува 65,7 денари за акција. Ова е сосема пристојно со оглед на загубата од работењето лани. Парите за дивиденда се издвоени од акумулирани добивки низ минататите години, а износот за дивиденда е еден милион евра
Акционерите на скопската рафинерија ОКТА на 27 мај ќе гласат за предлогот за исплата на дивиденда од 73 денари за акција, објави компанијата на информативниот систем СЕИ – НЕТ на Македонската берза.
Доколку помине предлогот, а огромна е веројатноста тоа да се случи, секој домашен акционер – физичко лице за секоја своја акција ќе добие нето износ од 65,7 денари за акција (по одбитокот на 10 отсто персонален данок од доход).
Предлогот утврдува дека 14 јуни годинава ќе биде последен ден со право на исплата на дивиденда. Воедно во предлог одлуката е наведено дека дивидендата на акционерите ќе им биде исплатена на 26 јули годинава.
Дивидендата на акционерите ќе им биде исплатена од акумулираните добивки на рафинеријата од повеќе години наназад кои се со вкупен износ од 19,1 милиони евра. Од тие пари ќе се покрие акумулираната загуба за лани која изнесува 8,46 милиони евра, а од останатите 10,64 милиони евра, се предлага еден милион евра да се додели како дивиденда на акционерите.
Согласно со расположливите податоци од акционерската книга ОКТА има повеќе од 1.340 акционери. Од нив најбројни се домашните физички лица, вкупно 1.298 на број, кои поседуваат 6,9 отсто од акциите. Тие ќе поделат околу 69.000 евра од дивидендата на акциите. Доминантниот сопственик – грчката нафтена компанија ЕЛ.П.ЕТ Балканике Петролеум ќе добие 815.000 евра,а домашната нафтена компанија „Пуцко Петрол“ околу 110.000 евра за своите 11 отсто.
Последен пат акцијата на рафинерија ОКТА се тргувала на 16 април по цена од 3.600 денари за акција. Во однос на последната пазарна цена приносот по акција изнесува речиси 2 отсто. Лани во ценовна маргина од 3.000 денари до 4.200 денари биле истргувани речиси 4.900 акции со право на глас од таа компанија.
Р.Ф.