ОИЛКО во добивка од 300.000 евра!
ОИЛКО, компанија специјализирана за транспорт на нафтени деривати, има добивка од 300.000 евра односно 18,4 милиони денари за првите девет месеци годинава, покажува неревидираниот биланс на успех, за првите девет месеци, на таа компанија објавен на Македонската берза. Вредно за истакнување е тоа што ОИЛКО за првите девет месеци годинава книжи добивка што е на ниво на добивката по оданочување остварена за цела 2013 година.
И тоа овој резултат компанијата го остварила во услови кога нејзините приходи од продажба се снижени за 14 отсто на ниво на период јануари-септември годинава, во споредба со истиот период лани. Така, приходите од продажба за првите девет месеци годинава изнесуваат 271,5 милиони денари, а оперативните расходи се 252,1 милиони денари и кај нив во споредба со лани тенденцијата е намалување и тоа од 13 отсто. Оперативната добивка за овој период е 21,9 милиони денари, а нето добивката е 18,4 милиони денари.
Податоците од билансот на успех покажуваат дека ОИЛКО и со понизок степен на искористеност на транспортните капацитети, на што укажува понискиот приход од продажба, успева да го задржи нивото на добивка. Од друга страна споредбата на третиот квартал, т.е. јули-септември со периодот што завршува на крајот на јуни годинава, покажува дека ОИЛКО бележи експанзија на приходите во летните месеци. И тоа неговата реализација во овие три месеци е 106 милиони денари што е раст од 64 отсто во однос на реализацијата во првите шест месеци годинава односно оствареното во период што е двојно подолг!
Во тој период раст имаат и оперативните расходи и тоа за 91 милиони денари односно за 56 отсто во однос на периодот јануари – јуни. Силен раст во овие три месеци бележи оперативната добивка и тоа за 16,8 милиони денари повеќе од тројно во однос на добивката за првите шест месеци. Тројно зголемување има и кај нето добивката која на крајот на јуни била 3,1 милиони денари, а на крајот на септември изнесува 15,3 милиони денари. Уште еден детал од извештајот во овој контекст треба да се издвои иако во генералната слика неговото учество е мало во споредба со другите расходни ставки. Имено, забележливо е дека компанијата во првите девет месеци годинава успеала да ги намали финансиските расходи за 40 отсто во однос на износот на расходите за камати во првите девет месеци лани. Годинава до крај на септември нивниот износ е 3,29 милиони денари, а лани во истиот период бил 5,56 милиони денари.
ОИЛКО е единственото командитно друштво во земјава. Таа компанија е формирана на почетокот на 2007 година и е специјализирана за транспорт на нафтени деривати. ОИЛКО има повеќе од 80 автоцистерни и други специјализирани товарни возила за превоз на различни видови енергенси.
Најголем деловен партнер на ОИЛКО е нејзиниот најголем поединечен акционер – „Макпетрол“ кој поседува 35,6 отсто од акциите.
Р.Ф.
Слично
