ОИЛКО: Поголем профит со помал приход од продажби!
ОИЛКО, скопската транспортна компанија специјализирана за транспорт на нафтени деривати и горива, лани успеа да оствари поголем профит од работењето во услови кога оствари помал обем на работа и и пониски приходи од продажба во споредба со 2013 година, покажуваат билансите на успех и состојба што компанијата ги објави на Македонската берза за хартии од вредност.
ОИЛКО е единствено командитно друштво во земјава и е најголем поединечен акционер во „Макпетрол“ најголемата македонска компанија за трговија на мало со нафтени деривати и горива. „Макпетрол“ е најзначаен клиент на ОИЛКО, а воедно е и најголем поединеќен акционер во командитното друштво и поседува 35,6 отсто од акциите на компанијата. Втор по големина акционер во ОИЛКО е Андреја Јосифовски со 14,9 отсто од акциите, претседател на Управниот одбор на „Макпетрол“.
Билансите што ги објави ОИЛКО сами за себе говорат многу и за „Макпетрол“ заради тоа што компанијата е најголем клиент на ОИЛКО. Имено штом билансите на ОИЛКО покажуваат пониски приходи од продажба односно намален обем на транспортни услуги што ги дава компанијата веднаш значи дека „Макпетрол“ нивните цистерни и транспортни камиони ги ангажирал во помал обем за своите потреби за траснпорт на горива до нивните над 115 бензински пумпи ширум земјава. Во период кога билансите на „Макпетрол“ уште не се објавени податоците од извештаите на ОИЛКО се индикатор кој укажува на можноста дека „Макпетрол“ лани имал пониски приходи од продажби во однос на 2013 година и заради тоа во помал обем ги ангажирал транспортните средства на ОИЛКО. Другата варијанта е дека „Макпетрол“ во поголема мерка ангажирал и друга транспортна компанија, но тоа е опција која е речиси неверојатна. Останува да видиме.
Од билансот на успех се гледа дека ОИЛКО лани имал приходи од продажба во износ од 364,9 милиони денари што е за 50 милиони денари односно 12 отсто помалку од приходите од продажби во 2013 година.
Менаџментот на ОИЛКО во малку поголема мерка успеал да ги снижи и оперативните расходи лани во однос на 2013 година. Нивното ниво е 337,2 милиони денари и се пониски за 54,1 милиони денари во однос на 25 отсто. Заради намалениот обем на работа ОИЛКО имал пониски трошоци за набавка на горива, а тоа е потврдено и во образложението на билансот на успех дадено од менаџерите на ОИЛКО и е објавено на берзата. Во нивното образложение пишува и дека зголемената добивка е резултат и на намалените оперативни расходи што се должи на намалената амортизација, заради завршената обврска за пресметка на амортизација на одреден број возила и на помалку набавени нови возила во однос на минатата година.
Во билансот на состојба евидентно е дека компанијата лани го зголемила нивото на своите побарувања од купувачи за 80 отсто до ниво од 3,8 милиони денари на крајот на 2014 година во однос на 2013 година. ОИЛКО нема долгорочни обврски, а нивото на обврски за краткорочни кредити на крај на минатата година изнесува 57,1 милиони денари и е за 8,2 милиони денари повисоко од тоа на крајот на 2013 година. ОИЛКО, лани на квартално ниво остварувал просечна добивка од 5,9 милиони денари (безмалку 100.000 евра), а просекот на приходи од продажба на квартално ниво изнесува 90,5 милиони денари (1,47 милиони евра) при што, во вакви услови, профитната маргина е 6,5 отсто од приходите од продажба.
ОИЛКО лани поделил дивиденда на своите акционери во износ од 120 денари за акција. Според најновите податоци на Централниот депозитар за хартии од вредност друштвото има вкупно 63 акционери – домашни физички лица и еден акционер – домашно правно лице, а тоа е „Макпетрол“.
Р.Ф.
Слично
