Охридските бизниси први „настрадаа“ од уредбата за задолжително носење маски
Минатата недела во Охрид кај осум објекти било постапено од Државниот пазарен иснпекторат поради прекршување на уредбата за задолжително носење на заштитни маски против корона вирусот.
Ова го потврди претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, на денешната редовна прес-конференција, која дополни и дека девет угостителски објекти во Тетово и Гостивар не ја почитувале уредбата.
Од 23 април започна задолжителното носење на заштитни маски или марами во затворен простор. Пред секоја банка и продавница има редар кој го контролира носењето на маските.
Според новата законска уредба на Владата, задолжително е носење на маска или марама во сите затворени јавни места каде што има повеќе лица како маркети, продавници, банки, пошти, здравствени установи, како и при користење на јавен превоз.
Фирмите кои нема да обезбедат заштитна опрема за вработените ќе бидат казнети со 2.000 евра, а одговорното лице на фирмата посебно ќе плати казна од 1000 евра.
