ОХРИДСКИ РАМКОВЕН ДОГОВОР: По 13 години до каде сме со реализацијата?
Тринаесет години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој беше ставен крај на конфликтот во 2001-та, се одбележуваат денеска.
Преговорите за документот кој донесе низа уставни и законски измени траеја речиси еден месец во вилата „Билјана“. На 13 август 2001 година таму е и потпишан Охридскиот рамковен договор, кој целосно и безусловно ја отфрли употребата на насилството за остварување на политичките цели.
Тринаесет години подоцна, се уште актуелни се дилемите за неговата имплементација, а реализацијата се сведува речиси единствено на делот кој предвидува правична застапеност при вработувањата.
Муса Џафери, актуелен вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор,во изјава за Дојче Веле, вели дека сега е „крајно време“ да се разгледаат занемарените сфери.
„Кај македонската страна постои мислење дека имплементацијата е спроведена и оти со некои барања албанската страна сака да излезе од договорените рамки. Албанската страна, пак, верува дека договорот рестриктивно се применува и дека се' уште не е завршен овој процес“, вели Џафери.
Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, на годишнината од потпишувањето на документот, организира одбележување и дебата во хотелот „Холидеј ин“. Иако поканети, на настанот нема да присуствуваат двајцата преостанати живи потписници на Охридскиот договор - Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски.
И двајцата не биле во Скопје.Освен нив, својот потис на документот во 2001 година го ставија и тогашниот претседател Борис Трајковски, лидерот на ПДП Имер Имери и лидерот на ДПА Арбен Џафери.
На годишен одмор е и премиерот Никола Груевски, кој исто така нема да присуствува на одбележувањето.
Слично
