„Охридска банка“ со добивка од 6,3 милиони евра до крај на септември
Банката ја одржува својата пазарна позиција кај кредитирањето и има раст на нето приходите од провизии и надоместоци. Добивката е помала од лани пред се заради зголемените резервации за кредитните пласмани во комбинација со пад на нето приходи од камати и останати приходи, а раст на трошоците за вработените
Петтата најголема банка во првите девет месеци годинава книжи добивка од 6,27 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех на „Охридска банка Сосиете Женерал“ која наскоро ќе биде аквизирана од „Шпаркасе банка“. Во споредба со истиот период лани добивката е пониска за 2,37 милиони евра, а тоа во најголема мерка е резултат на зголемениот трошок за резервации во комбинација со намалени останати приходи од дејноста, намалени нето приходи од камати и зголемени трошоци за вработените.
Значајно за акционерите е што во услови на генерален пад на каматните стапки банката книжи зголемени приходи од камати иако тоа не се одразува позитивно на нето приходите од камати кои бележат благ пад во првите девет месеци годинава. Тоа значи дека во услови на намалени камати и зголемена конкуренција на пазарот „Охридска банка“ успеала да ја одржи и подобри својата пазарна позиција во најзначајните приходни сегменти: приходите од камати и приходите од надоместоци и провизии.Нето приходите од камати за првите девет месеци годинава изнесуваат 13,5 милиони евра и се за 0,67 милиони евра пониски од истиот период лани. Нето приходите од провизии и надоместоци се повисоки од истиот период лани за 0,37 милиони евра и компензираат повеќе од половина од намалените нето приходите од камати. Нето приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 4,16 милиони евра. Останатите приходи од дејноста се 1,4 милиони евра и се пониски за 0,4 милиони евра во однос на лани, а од нив поголеми се нето приходите од курсни разлики и тие изнесуваат 1,84 милиони евра.
Резервациите на кредитни пласмани се најголемата трошоковна ставка на банката. За првите девет месеци годинава изнесуваат 5,23 милиони евра и во споредба со лани се повисоки за 1,45 милиони евра. Во периодот јули-септември тие пораснале за 2 милиони евра. Тоа е 25 отсто повеќе од просечниот износ за резервација на квартално ниво за првите две тромесечја годинава (просекот на квартално ниво е 1,6 милиони евра н.з.). Воедно во третиот квартал од оваа причина и нето добивката на квартално ниво е пониска од просекот за првите две тромесечја. За периодот јули-септември таа изнесува 1,8 милиони евра, а просечната вредност за првите две тромесечја е 2,25 милиони евра.
На страната на кредитите и депозитите состојбата е следна: банката ја одржува својата позиција на кредитниот пазар на исто ниво како и лани, што е резултат за почит во услови на остра конкуренција за секој потенцијален клиент без разлика дали е корпоративен, мал економски субјект или е граѓански сектор т.е. домаќинства. Кредитните пласмани на крај на септември годинава вредат 462,25 милиони евра и се за само 2 милиони евра пониски од пласманите на крајот на 2018 година. Нема промена и кај пласманите во хартии од вредност. Тие се само 20,73 милиони евра (мала ставка во структурата на обврските) и нема значајна промена во споредба со декември лани. Слична е состојбата и депозитната база. На крај на септември годинава таа изнесува 474,64 милиони евра и во споредба со крајот на претходната година се повисоки за 0,7 милиони евра. Кај обврските на банката иако е мало учеството во структурата има значаен раст на обврските по кредити на банката. На крај на септември годинава тие изнесуваат 80,5 милиони евра и се за 28 милиони евра поголеми од крајот на 2018 година.Р.Ф.
