Охридска банка и ЕБОР: Нови седум милиони евра за мали и средни претпријатија
Прв корисник на средства од оваа кредитна линија е гевгелиската компанија „Випро“, која доби кредит од 1,3 милиони евра.
Средствата се наменети за енергетска ефикасност кај компании и тоа 6 милиони евра и еден милион евра се кредити за подигнување на конкуреноста на македонските компании. Средствата се обезбедени од Програмата за поддршка на приватниот сектор за Западен Балкан, а врз основа на договор потпишан во мај годинава меѓу Охридска банка и ЕБОР.
- Четири години наназад нашиот раст во кредитирањето на малите и средните претпријатија е над просекот во банкарскиот сектор. Со кредитните програми на ЕБОР, ја потврдуваме нашата подготвеност за одржување на зголемениот пораст на домашната побарувачка за кредитирање и новите деловни можности на пазарот, истакна Пантучкова.
Банката, како што беше посочено, годинава имала 15 проценти поголема кредитна изложеност во малите и средните претпријатија во периодот кога кредитната активност на банките во Македонија беше нула.
Јонеску потенцира дека сите овие средства одат во насока на ублажување на состојбите кај малите и средните претпријатија.
- Малите и средните претпријатија се главната потпора на македонската економија, но предизвик им е и натаму пристапот до финансиски средства, рече Јонеску.
Договорот за кредитот на „Випро“ е прв од оваа кредитна линија и претставува прв во Западен Балкан за заедничко финансирање на Охридска банка и ЕБОР. Од вкупниот износ 800 илјади евра се средства од Охридска банка, а 500 илјади од ЕБОР.
Каматната стапка по која е доделен кредитот, Филип Котора член на УО на Охридска банка, рече дека е под просекот во Македонија, а рокот на отплата е шест години.
Средствата од кредитот, Випро, како што истакна сопственикот на компанијата Виктор Петков, ќе се искроситат за проширување на асортиманот и освојување нови странски пазари. Со нив ќе се комплетираат две производствени линии и зголемување на капацитетите за студено складирање.
ЕБОР почна со инвестирање во Македонија од 1993 година и досега во земјава има потпишано над 80 проекти со нето кумулативен бизнис обем од над 1,1 милијарда евра.
