ОХРИД И КАВАДАРЦИ СЕ ПРИДРУЖУВААТ: Расте бројот на градови во кои ќе се протестира
Од ден на ден ратсе бројот на градови кои најавуваат поддршка за работата на СЈО и против одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција.
Протестот во главниот град и денеска продолжува во исто време, а кон истиот се придружуваат и Охрид и Кавадарци. Задутре е најавен протест во Гостивар.
Во овие два града протестот ќе почне од утре. А според некои медиуми денеска на протест излегуваат Прилеп и Кочани.
Синоќешниот протест во Скопје може да се опише како најмасовен досега.
Барањата на организаторите на протестот се проширија.
Од движењето „Протестирам“ побараа независни претставници на граѓанското општество да бидат дел од процесот на решавање на кризата.
Тие бараат:
- Итно повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО); - Итна и неотповиклива оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија; - Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО; - Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО; - Итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни; - Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата; - Формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.
Велат дека дотогаш нивната политичка борба останува на улиците и порачуваат „Нема правда, нема мир“!
