Економија, финансии, бизнис

Контакт

Огорчена експертска заедница: Одлуката на Уставниот суд ќе има тешки последици!

Огорчена експертска заедница: Одлуката на Уставниот суд ќе има тешки последици!
Никој не е изненаден од одлуката на Уставниот суд. На сите им било јасно што ќе се случи, но сепак до последен момент се надевале на чудо. Поранешната судијка Магарита Цаца Николовска вели дека ваков исход се очекуваше. Но, за неа сега е важно да се види со кои аргументи мнозинството од пет судии ги укинале измените од Законот за помилување донесени во 2009 година. „Особено ме интересира кои се аргументите за јавниот интерес на оваа одлука. Зошто да се дозволи  помилување на лица и во фаза на гонење, а не само осудени лица. Натаму, како ќе го оправдаат делот од одлуката за помилување на лица осудени за тешки дела против човештвото. Очигледно е зошто токму сега се донесе оваа одлука од Уставниот суд и која е вистинската цел. Не можам да прифатам дека досега му биле ускратени надлежностите на Претседателот. Тоа е замајување на јавноста.“, изјави за Фактор Цаца Николовска. Таа смета дека мора да се видат и издвоените мислења на судиите кои гласале против и тие ќе треба да се елаборираат, а за одлуката на Уставниот суд да се отвори една јавна расправа во која ќе биде вклучена експертската јавност. Поранешниот претседател на Уставниот суд Бранко Наумоски вели дека ова што го прави највисоката правосудна институција е самоволие и насилие. „Одлуката  е катастрофална. Зарем можеше да се очекува друго нешто. Ситуацијата е премногу сериозна. Не знам како ќе ја извлечеме Македонија од оваа банда која се уште успешно манипулира и со дел од граѓаните и со институциите.“, вели за Фактор поранешниот претседател на Уставниот суд Бранко Наумоски. Осуда, огорченост и револтираност од одлуката стигна и од Првата детска амбасада во светот Меѓаши. Претседателот на државата доби можност да помилува и педофили. „ Срамна и скандалозна е оваа постапка и воопшто не помага во превенција и заштита на децата од  сексуална злоупотреба за која со години се залагаме и за која постигнавме одреден напредок но сега се паѓа во вода. Оваа одлука крајно го деградира угледот на судиите и претседателот! Недозволиво е педофили да можат да бидат помилувани и секоја идна одлука од страна на претседателот оди директно на неговата чест и совест. Ако се има предвид дека педофилите во најголем број случаи го повторуваат делото, доколку во иднина се појават повторно случаи на педофилија тогаш Првата детска амабасада во светот МЕЃАШИ ќе ги смета Претседателот на државата и Уставниот суд за соучесници.“, изјави за Фактор директорот на Меѓаши Драги Змијанац.
Слично

Поврзани вести