Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОГЛАС: Груевски бара советници и раководители

ОГЛАС: Груевски бара советници и раководители
Кабинетот на премиерот Никола Груевски денеска објави два јавни повици -  првиот за пријавување на интерес за ангажирање на лица на раководни позиции во Канцеларијата на претседателот на Владата, и вториот за пријавување на интерес за ангажирање на лица за позициите советници на претседателот на Владата во поедини области. „Сите лица кои поседуваат квалитет и способност, и имаат соодветно образование и професионално искуство можат да аплицираат и да се стекнат со правото да бидат избрани за вршење на работите“, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев. СО ПРВИОТ ЈАВЕН ПОВИК, за ангажирање на лица за раководни и нераководни позиции во Владата, Кабинетот на Груевски бара лица за ангажирање во следните 5 области: 1. Странски инвестиции – нерезидентни промотори. Кандидатите во оваа област ќе бидат со седиште во Република Македонија, но е потребно да бидат флексибилни за патувања во странство. 2. Поддршка на домашната економија. Основни работни задачи и одговорности на лицата ќе се комуникација со домашните компании, координирање на странските консултанти, стручна и логистичка поддршка на домашни компании, подготовка на анализи, месечни и квартални планови за работа. 3. Човечки ресурси. Работните задачи би опфаќале и раководење со процесите на регрутација и селекција, координирање на проекти поврзани со областа на човечките ресурси и јавната администрација, креирање и одржување на генерички обуки и друго. 4. Протокол, со работни задачи меѓу другото и за координирање и организација на настани, состаноци, билатерални средби, и други настани. 5. Правници, кои би имале за задача анализирање на постоечката законска регулатива и креирање на предлози за потребни реформи, измени и дополнувања, координација со  различни ресори по однос на нови законски решенија, компаративна анализа на македонската регулатива со регулативата на Европската Унија на нормативно-правно ниво, и проценка на влијание на регулативата. „Бројот на лица кои ќе бидат ангажирани не е лимитиран, и ќе зависи од способностите и квалитетот кои ќе ги прикажат кандидатите кои ќе аплицираат за позициите. Познавањето на други странски јазици покрај англискиот, особено официјалните јазици на Европската Унија и Обединетите нации не е задолжително, но ќе се смета за предност. Ние ги охрабруваме кандидатите кои своето образование го комплетирале на еден од првите 100, односно првите 200 Универзитети од техничките науки согласно Шангајската листа,  како и студентите со просек над 8.50 од домашните Универзитети да се пријават на овој оглас“, вели Ѓорѓиев. НА ВТОРИОТ ЈАВЕН ПОВИК, за ангажирање на советници на претседателот на Владата на Република Македонија, се содржат позиции за следните 13 области: -Советник за политички прашања; -Советник за Европска Унија; -Советник за надворешни работи; -Советник за животна средина; -Советник за рударство и минерални суровини; -Советник за култура; -Советник за економија, претприемништво, индустрија и иновации; -Советник за земјоделство; -Советник за правосудство и администрација; -Советник за енергетика; -Советник за транспорт и врски; -Советник за информациони технологии и телекомуникации и -Советник за локална самоуправа. Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование за позицијата за која се пријавуваат, како и задолжително познавањето на англискиот јазик. Предност ќе имаат кандидатите со завршен втор или трет циклус на студии. За двете позиции се аплицира единствено по електронски пат преку интернет страната на Владата на Република Македонија. Кандидатите и во двата случаја треба да приложат и тоа по електронски пат: -пополнета електронска апликација која може да се најде на интернет страната на Владата, и која ќе биде поставена од утре (сабота, 28.06.2014 година) -лична биографија (CV) на кандидатот (не подолго од 5 страници) -мотивациско писмо (не подолго од 2 страници) -дипломи и сертификати. И двата јавни повици ќе траат до 14 јули. „И двата јавни повика се доказ за отвореноста на Владата и давањето на еднакви шанси на сите граѓани кои поседуваат квалитет и способност за ангажман на позиции преку кои се спроведуваат политиките, мерките и проектите кои носат корисност за сите граѓани на нашата земја. Може да аплицираат сите квалитетни и способни кадри независно од нивната национална и верска припадност, или пак политичка ориентација. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет“, уверува Ѓорѓиев.
Слично

Поврзани вести