ОФИЦИЈАЛНО: СОНК го стави штрајкот во мирување
Просветата утре нема да штрајкува. Попладнево на состанок раководството на СОНК донесе дефинитивна одлука да го одложи најавениот штрајк и да им даде шанса на преговорите со министерот за образование Абдилаќим Адеми.
Три часа траеше расправата на синдикалното раководство за тоа дали треба да се прифатат разговорите со ресорното министерство, кои ќе се водат на сите спорни точки, освен на онаа за покачување на платите.
Освен ова, СОНК сепак се одлучи да побара и кривична одговорност за сите оние кои во изминатите дена се обиделе да ја попречуваат иницијативата за штрајк.
Рокот за преговорите, кои треба да започнат веќе утре, е три месеци - ако до крајот на декември не постигнат решение за спорните прашања, повторно ќе го активираат штрајкот.
Претходно, пред ваквата одлука на СОНК, синдикалците се сретнаа со министерот Адеми. Министерот ја поздрави одлуката да се стави штрајкот во мирување.
„Од ова добиваат и учениците, но и дијалогот“, рече Адеми во вестите на Канал 5.
Слично
