Економија, финансии, бизнис

Контакт

ОФИЦИЈАЛНО: Иванов во трка за втор мандат, бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ

ОФИЦИЈАЛНО: Иванов во трка за втор мандат, бара поддршка од ВМРО-ДПМНЕ
Актуелниот претседател Ѓорге Иванов објави дека ја прифатил иницијативата и ќе се кандидира за втор мандат на претседателската функција. Кандидатурата ќе ја поднесе на конвенцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од која очекува поддршка. „Со чест и задоволство, имајќи ги во предвид сите предизвици и перспективи со кои се соочуваме со посветеност и одговорен пристап, со желба за постигнување на натамошни успеси за нашата татковина, кои ќе бидат од интерес за сите граѓани, сакам да изјавам дека донесов одлука дека ќе ја прифатам иницијативата за мое кандидирање за претседател на Република Македонија и дека ќе ја поднесам мојата кандидатура на Конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Иванов. Според Иванов, да се биде претседател на Република Македонија значи „секогаш да се биде чесен кон своите сограѓани, да се држи до зборот и достоинството и да се биде секогаш на страната на заедништвото, демократијата, единството и патриотизмот“. „Да продолжиме заедно да ја градиме нашата заедничка иднина, да ја градиме државата, да го развиваме соживотот, да ги негуваме вредностите и да ги промовираме националните и државните интереси на Република Македонија“, побара Иванов во своето обраќање. На партиската конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, од досега најавеното, на актуелниот шеф на државата како против-кандидат ќе му се спротивстави професорот Јове Кекеновски. Сепак се очекува кандидатурата на Иванов да помине лесно, особено откако иницијативата за негово кандидирање во втор мандат ја потпишаа и високи партиски функционери на владејачката партија. Уште е е неизвесно како на ваквата најава од Иванов ќе реагира ДУИ, со оглед на тоа што партијата на Ахмети отворено изјави дека нема да го поддржи актуелниот претседател за втор мандат и побара консезуален претседателски кандидат. Во спротивно, една од опциите за кои размислува ДУИ е да поднесе иницијатива за предвремени парламентарни избори заедно со вториот круг од претседателските.
Слично

Поврзани вести