Официјално: ЕВН ја прифати понудата на ЕСМ од 41 евро за мегаватчас
ЕВН Хоме како Универзален Снабдувач на електрична енергија ја прифати понудата на АД ЕСМ од 41 евро за мегаватчас за ценатат на струјата во 2022 за првата половина од годината. Старата цена беше 36,1 евро по мегаватчас.
Понуда доставил само АД ЕСМ и тоа за целокупните потреби на ЕВН, односно за задолжителниот минимум од 60 отсто, како и за преостанатите 40 отсто, по кои инаку универзалниот снабдувач би бил должен да ги бара на слободниот пазар.
„АД ЕСМ како најповолен понудувач ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците кои се снабдувани од страна на Универзалниот снабдувач за првата половина од 2022 година. Добиената купопродажна цена е за 13,6 % повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за набавка на електрична енергија за периодот Јули-Декември 2021 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 36,1 евро за мегаватчас за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоум како Универзален Снабдувач“, гласи соопштението од ЕВН.
Сега преостанува уште ЕВН и МЕПСО да направат пресметки на своите трошоци и да ги достават до Регулаторната комисија за енергетика. Врз основа на тие пресметки ќе биде конечно познато колкаво ќе биде поскапувањето на сметките за домаќинствата и малите потрошувачи од 1 јануари 2022.
