Офанзива на „Охридска банка“! Сатар врз расходите за камати, квасец за добивката
Банката лани вбризгала во македонската економија нови 2,77 милијарди денари (околу 45 милиони евра) што е раст на кредитирањето од 13 отсто
Раст на кредитирањето за 13 отсто, раст на депозитите за 12 отсто и раст на нето добивката за 8,9 отсто, ова клучните параметри што ја одбележаа 2016 година во работењето на „Охридска банка“, покажуваат официјалните податоци од билансите што ги објави најмалата од четирите големи деловни банки во земјава.
„Охридска“ скастрила 85 милиони денари на каматите што ги плаќа
Приходите од камати лани достигнале ниво од 1,54 милијарди денари и пораснале за 80 милиони денари во однос на 2015 година. Приходите од нето камати ја надминаа психолошката граница од една милијарда денари и на крајот на 2016 година достигнаа 1,15 милијарди денари. Расходите за камати лани биле 388 милиони денари и се пониски за 85 милиони денари во однос на расходите во 2015 година. Тоа е кастрење на трошокот од 18 отсто што секако влијаело позитивно врз добивката на оваа банка.
Втората приходна ставка – провизиите и надоместоци донеле нето вредност од 270,2 милиони денари што е за 8 милиони денари подобро во однос на 2015 година. Нето добивката по акција за 2016 година изнесува 992 денари и е повисока за 81 денар од 2015 година.
Нивото на депозити пораснало за речиси 50 милиони евра
Кај расходите забележлив е голем раст на резервациите. Но тоа и не зачудува кога се знае дека кредитната активност на банката е значајно зголемена затоа што нивото на кредитни пласмани е 24,1 милијарди денари и во 2016 година пораснало за 2,77 милијарди денари односно 13 отсто. Воедно лани банката ги зголемила знајачно и своите пласмани во хартии од вредност кои достигнале 30,6 милиони денари и се зголемени за 10 милиони евра. Солиден раст има и кај ставката депозити на коминтенти (сите освен банките). Тука состојбата достигнала 26,49 милијарди денари и бележи раст за 2,9 милијарди денари односно околу 50 милиони евра во однос на 2015 година. Растот е 12,3 отсто.
Р.Ф.