Оф шор бизниси и субвенции, грандиозни куќи и нереални кирии: изборната кампања се вжештува!
Се разгоруваат препукувањата на релација власт-опозиција за корупциски скандали. И едните и другите деновиве не запираат со меѓусебните обвинувања и контраобвинувања за нелегално стекнат имот. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов веќе неколку дена лиферува документи за бизнисите на првиот човек на УбК, Сашо Мијалков, владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак возвраќа со имотната состојба на Шилегов.
Фантастични суми субвенции завршиле на сметките на фирми блиски на власта, обвини опозицијата. Според тврдењата на СДСМ, за две години, односно во 2011 и 2012 година, Земјоделскиот комбинат Пелагонија- Битола, добил повеќе од 2,5 милиони евра за субвенции. А, главни акционери во ЗК Пелгагонија-Битола се Орка Холдинг и компанијата Ексико. Првата е на Орце Камчев, а со втората раководи Горан Гацов и двајцата, според опозицијата луѓе од доверба на Сашо Мијалков.
„Дали фамилијата на овој начин си ги доделува најголемите субвенции на себе и ги остварува најголемите профити од лебот на македонските граѓани“, реагираше од партиската говорница Петре Шилегов.
Компанијата Ексико, според опозицијата има основачки капитал од Лугано и со неа раководи Горан Гацов, кој е во партнерски врски со првиот човек на УБК, Сашо Мијалков.
Ексико, влегла во ЗК Пелагонија – Битола, на 29.11.2011 година, потоа преку ЗК Пелагонија влегла во Жито Лукс, во Жито Вардар и во Жито Полог. Ексико и преку Пелагонија Полог влегува во Жито Полог.
„Дали овие два и пол милиона евра влегле во братучедски џебови премиере Груевски и директоре на УБК Мијалков? Дали освен субвенции, на овој начин директно влијаете врз цените на лебот, месото, млекото и јајцата, или, на основните продукти за искрана на граѓаните на Република Македонија?“, изјави опозицискиот портпарол, Петре Шилегов.
ЕКСИКО на Гацов и ОРКА на Камчев и во градежниот бизнис
Според опозицијата, врската се разгранува и со купување на други фирми и удели во фирми. Но, според документите што ги обелоденија, профитот на градежната компанија Бетон Штип, откако во него влегле фирмите на Камчев и Гацов, Орка Холдинг и Ексико ДОО со корени од швајцарски Лугано изнесува 25 милиони евра.
„Според овие официјални податоци од Бирото за јавни набавки Бетон Штип само за 1 година, 2012/2013, добил тендери во вкупна вредност повеќе од 1.500.000.000 денари или над 25.000.000 евра, посочи Шилегов, прашувајќи при тоа дали во Лугано се испланирани Скопје 2014 и профитите во вртоглави суми евра?
Опозицијата порача дека сите докмунети за оваа афера ќе ги достави до јавниот обвинител, кога директорот на УБК, Сашо Мијалков ќе престане да се појавува на забави заедно со Јавниот обвинител или кога ќе престане да ја обавува функцијата обвинител за организиран криминал неговиот баџанак.
Мијалков: СДСМ е исплашена од пораз на изборите и лиферува манипулации
Директорот на ДБК Сашо Мијалков ги демантира обвинувањата на СДСМ за поврзаност со компаниите Ексико, ЗК Пелагонија- Битола и Бетон –Штип.
„Дали заради тоа што знаете дека се е согласно законот, одлучивте да ги заобиколувате институциите и да ја користите партиската говорница за манипулација на граѓаните? Дали е вистина дека СДСМ повторно нема резултати, ниту програма со која би излегол пред граѓаните, па највисоките партиски тела одлучиле преку празни прес-конференции да се обидат да создадат конфузија како единствена надеж дека ќе го ублажат поразот, прашува Мијалков, реагираше Мијалков со соопштение до медиумите.
Дополнително, Мијалков прашува и дали се точни гласините дека врвот на опозцијата дал инструкции да се измислуваат афери за да се покријат дактите за баснословните кирии, и тендери кои првите луѓе на партијата ги делеле на нивни блиски.
„Толкава ли е паниката од претстојниот пораз и стравот од соочувањето со граѓаните, што СДСМ е подготвено да се спушти длабоко во калта и преку манипулации и дисквалификации да ја извалка целата кампања, наведува Мијалков во реакцијата.
Камчев најави тужба за Шилегов
Јордан Камчев се закани со тужба за опозцијата поради споменувањето на имињата на неговите фирми објаснувајќи дека нема да се дозволи заради немоќта на одредени политички субјекти, угледот на неговите компании да бидат извалкани во предизборната кампањата.
„ За сите досега изнесени инсинуации и невистини, ќе следи тужба против иницијаторите и реализаторите на оваа валкана кампања. „Орка Холдинг“ е реномирана компанија која ја интересира само квалитетот и во која чесно работат членови на сите политички опции. На секој можен начин, пред институциите ќе се обидеме да го одбраниме тоа што макотрпно сме го граделе со години и ќе одолееме на нападите на поединци или партии, реагираше Камчев во писменото соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ: Како Шилегов го стекнал богатството?
Шилегов: имате институции проверете, но нема да не поколебате да ви ги објавуваме скандалите!
По обелоденувањето на аферите од страна на опозицијата а кои се однесуваат на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ возврати со имотната состојба на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој е клучниот играч во обелоденувањето на скандалите за власта.
Според нив тој поседува трикатна куќа со вкупна површина од 313 метри квадратни, два луксузни автомобила, Мерцедес и Ауди и плус стан во Скопје на негово име со површина од 88 метри квадратни.
„Ако се пресмета пазарната вредност на овој имот Шилегов има богатство во вредност од околу половина милион евра“, изјави Сашо Трпевски од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Шилегов во време на владите на СДСМ ја извршувал функцијата претседател на второстепената комисија за одлучување по жалби за јавни набавки и дирекно одлучувал кој ќе добие бизнис и јавни набавки во тоа време, а кој не. Односно Шилегов со свој потпис одлучувал јавни набавки да добиваат фирми кои што директно се поврзуваат со СДСМ и највисокото партиско раководство на СДСМ.
За ваквите обвинувања Шилегов возврати власта ги има сите институции на располагање и слободно може да ги провери сите факти, но тоа нема да ги поколеба да запрат сон обелоденувањето на аферите за владините скандали.
„Тоа што ВМРО – ДПМНЕ преку своите медиуми денеска на прес конференција мафта со дваесетина или триесет решенија од вкупно три и пол илјади, колку што комисијата за време на својот мандат одлучи, тоа е нивни проблем. Зборуваат за нешто што е затворено пред десетина години. Така што не гледам било каква логика и смисла да се расправа за таа работа. Меѓутоа и по однос на тие решенија и по однос на мојата имотна состојба за што прават невидени конструкции, лаги и фалсификати, сите институции им стојат на располагање. Како и да е во ниту еден момент нити јас лично нити било кој од Социјалдемократскиот сојуз се колебаме да продолжиме со обелоденувањето на аферите, изјави Шилегов.
С.Н.
Слично
