Одобрен нацрт-законот: Црно им се пишува на албанските обложувалници и игри на среќа
Албанскиот парламент објави дека го одобри нацрт-законот со кој ќе се забранат активности на обложување и коцкање низ целата земја од почетокот на следната година.
Од 120 членови на парламентот, 75 ја поддржаа забраната, објави парламентот во соопштението за печатот.
Предлог-законот предвидува затворање на локали за спортско обложување, бинго сали, тркачки облози и коцкање преку интернет, како и ограничување на работењето на електронските казина, рече министерот за економија, Арбен Ахметај, во својот пост на Фејсбук доцна во вторникот, откако парламентарната комисија за економски прашања го одобри нацрт-законот.
Според Ахметај, новата легислатива има за цел да ги заштити семејствата од "негативните економски и социјални ефекти" на коцкањето.
"Во исто време, ќе ги преземеме сите мерки - преку добро разгледана програма за обука и квалификација - да одговориме на грижата на оние поединци кои ќе останат без работа по затворањето на тие бизниси", рече Ахметај, додавајќи дека финансиското влијание врз државниот буџет ќе се олесни преку економскиот раст и фискалната консолидација.
Електронските казина ќе имаат дозвола да работат само во хотел со пет ѕвездички и ресорти за одмор, според извештаите на локалните медиуми.
Процесот на затворање на постојните места за коцкање ќе биде надгледуван од органот за надзор над коцкањето, кој во моментов е во процес на реструктуирање.
