Одново затворски казни за случајот „Изгрев“
Кривичниот суд во Скопје денеска ги осуди браќата Ѓорѓи и Димитар Миладинови за случајот „Изгрев“ на затворски казни од две односно 2,5 години поради перење пари.
Двајцата обвинети за криминал околу струшкиот хотел се ослободени од обвиненијата за злоупотреба на службена положба и измама.
Девет месеци за истото кривично дело доби и адвокатот Димитар Савовски, а една година и три месеци доби обвинетиот Димитар Голабовски, кој е сопственик на фирмата „Агора консалтинг“. Условна казна затвор добија референтката од струшкиот Катастар Сузана Блажеска, од 1,5 година, а две години Златко Фармакоски, советник за геодетски работи во Агенцијата за катастар во Струга.
Изречените казни се поклопуваат со времето кое обвинетите го поминаа во притвор, така што тие нема дополнително да останат во затвор. Освен ова, на браќата им е конфискуван имотот, а според судот треба да надоместат штета од околу 2 милиони евра, кои наводно биле испрани.
Тие не се задоволни со ваквата одлука на судот и најавија дека правдата ќе ја бараат во Стразбур.
„Морам јавно да кажам дека судот е марионета на обвинителството и Министерството за правда. Во оваа држава нема правда. Ни го уништија бизнисот, угледот, семејството“, изјави Ѓорѓи Миладинов.
Со првичната пресуда, тие беа осудени на 6,5 години затвор, но оваа одлука беше укината од Апелација и случајот беше вратен на повторно судење.
Браќата Миладинови во 2009 година беа обвинети за финансиски малверзации и за манипулации со хотелот „Изгрев“, а за помагање беа обвинети и неколкумина адвокати, судии и нотари.
Слично
