ОДЛУКА: Каматите за „Купи куќа, купи стан“ се намалуваат за повеќе од еден процент
Владата донесе одлука за намалување на каматната стапка во проектот „Купи куќа, купи стан“, објави денеска премиеррот Никола Груевски.
„На денешната владина седница Владата одлучи дополнително позитивно да се унапредат условите од проектот „Купи куќа купи стан“, односно да се намалат каматните стапки за субвенционираниот станбен кредит за граѓаните од 4,99% на 3,95% за првите три години од отплатата на кредитот и од 5,5% на 4,44% за четвртата и петтата година, за моделот кај кој се субвенционира дел од месечниот ануитет“,појасни Груевски.
Со овие измени месечната рата за граѓаните ќе се намали за околу 1.800 евра вкупно за првите пет години од отплатата на кредитот, за кредит од 50.000 евра за купување на стан, односно за изградба/купување на куќа.
„Во однос на комерцијалните кредити, граѓаните кои ќе аплицираат за субвенциониран станбен кредит ќе остварат каматни заштеди од 2.000 до 3.000 евра“, додава Груевски.
Трошоците за намалување на каматните стапки ќе се надоместат од Буџетот на Република Македонија. Законот за проектот „Купи куќа, купи стан“ се менува веќе неколкупати.
Со претходните измени на Законот од февруари 2014 година се овозможи добивање на субвенциониран станбен кредит и за лица кои имаат во сосопственост најмногу до половина стан, односно куќа стекнати по основ на наследство. Исто така, со измените се зголеми прагот на максималните месечни приходи, кој е еден од условите за добивање на субвенција, и тоа од 900 на 1.300 евра за лицата кои се во брачна заедница, додека за лицата кои не се во брачна заедница остана прагот од 900 евра. Притоа, под приход се подразбира само приходот од плата, а не дополнителни надоместоци.
Слично
