ОДЛУКА: Четврток – бесплатен ден за студентите!
Секој четврток студентите ќе можат бесплатно да посетуваат опера, балет, концерти, театарски претстави, изложби и слично, а бесплатна ќе им биде и посетата на Милениумскиот крст на Водно, одлучи Владата на денешната седница.
Со одлуката, студентите добиваат право за бесплатна влезница за посета на овие уметнички манифестации, која се однесува на содржини кои се во продукција на Установите од културата.
„Целта на оваа мерка е културните добра да станат достапни до младата публика со цел градење и јакнење на културните навики кај младата популација, градење на квалитетна и едуцирана публика и секако масовна посета на културните содржини во Република Македонија“, вели премиерот Никола Груевски.
Секој четврток бесплатен ќе биде и железничкиот превоз за студентите. Освен нив, Владата денеска усвои список на категории граѓани за кои превозот со воз ќе биде бесплатен или со одреден попуст.
Со оваа владина одлука се обезбедува:
- бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела), за повозрасните лица (жени над 62 години и мажи над 64 години) за превоз во железничкиот сообраќај, и тоа секој втор викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
- бесплатен превоз за време на викенд (односно за деновите петок, сабота и недела) за младите лица до 27 години, и тоа секој трет викенд во месецот, значи еден викенд месечно;
- попуст од 50% на картата за железнички превоз за учениците и студентите;
- и целосно бесплатно патување, секој четврток за студентите.
„Со оваа одлука на голема бројка од граѓаните, особено помладите кои статистички гледано се и повеќе корисници на овие услуги, им стануваат подостапни услугите во железничкиот превоз“, вели Груевски и додава дека мерката особено добива позитивно значење доколку се земе предвид и почетокот на реализацијата на проектот за обезбедување на нови превозни средства за железничкиот сообраќај, за кои вчера се потпиша договор, и планираното модернизирање на железничката инфраструктура.
Слично
