Oдложувањето на задолжницата – сигнал за отстапки од реформитe
На истекот од минатата година, владата исклучително лено го прифати предлогот од бизнисмените за пролонгирање на задолжницата. Може само да се нагаѓа кои е позадоволен од не имплементирањето на овој финансиски инструмент кој нели требаше да ги регулира должничко доверителските односи меѓу фирмите и државата. Факт е дека бизнис заедницата бараше, меѓутоа, очигледно е дека и владата без никаков проблем( иако тоа не е нејзина карактеристика) се согласи да и’ се удоволи на барањето. Тогаш , што е причината за обостраното задоволство? Што добиваат и зошто се плашеа да го спроведат надежното решение за долго кумулираните неплатени меѓусебни обврски? На крајот, дали е мудро или изнудено решение?
Повеќе од јасно е дека владата ја одложи примената на задолжницата со цел да го избегне директното соочување со проблемот кои и самата е свесна дека не се решава со задолжницата барем на начин на кој беше скроено предлог решението. Имено решавање на платежната неспособност на стопанството, што се изразува во неколкумесечно доцнење во плаќањата меѓу стопанските субјекти, а каде во добар дел кумува и државата со неподмирувањето на своите обврски кон стопанските субјекти е многу посериозен проблем и затоа лекот неможе да се бара единствено во едноставното воведување на нов финансиски инструмент. На крајот, најголемиот должник (државата) знае дека порастот на меѓусебните неплаќања меѓу фирмите не е од несакање на субјектите да платат, туку од нивната објективна немоќ да ги наплатат своите побарувања од други фирми или од државата, за да ги исплатат своите обврски. Па, како да се преземат казнени мерки против субјектите кои не ќе можат да одговорат на своите обврски само затоа што државата, вклучувајќи ги и општините и јавните претпријатија, се изземени од задолжителната примена на задолжницата. Ваквите постапки би предизвикале реакции кои тешко би можеле да се контролираат ако протестите се од пошироки размери. А власта сигурно знае колку и кому му должи (иако за тоа во јавноста нема соодветни информации). Во таква ситуација, според нејзиното однесување, испадна дека е разумно да се избегнат било какви незадоволства поради едностраното важење на законот за бизнис заедницата и изземањето на државата од таква обврска, во услови кога таа е неспорно најголем „бизнисмен“ во земјата. Но, со тоа и јавно призна дека реформскиот потез во сферата на плаќањето и (не)ликвидноста не бил вистинскиот.
Бизнис заедницата наголемо се заблагодари за „попустот“. Се ослободи од обврската да издава задолжници на своите доверители и така да ги избегне високите казни, поради евентуално неплаќање на достасаните обврски во определениот рок. Не им е важно што со тоа само се одложува решавањето на проблемот со меѓусебните неплаќања. Приоритет им е да ја избегнат опасноста од високите казни. А што и натаму ќе ѕидаат обврски и побарувања е помалку важно. Се согласуваат и понатаму да се борат да „преживеат“ на пазарот , по цена дури и да им се влоши финансиската позиција. Но, до кога?
Неспорно е дека одложувањето на примената на порано донесената мерка е на обострано задоволство на власта и на бизнисот, но е мотивирана само од непосредни краткорочни интереси. Меѓутоа, со тоа не се решава проблемот со неплаќањето меѓу стопанските субјекти (што во другите пазарни економии е занемарлив). Само се одлага решавањето, а притоа, тешкотиите се кумулираат, па ќе бидат уште потешки за решавање, кога ќе биде изнудено да се решаваат.
Сериозно, да не речеме, задоцнето прашање е до кога може да се одложува неговото решавање? Веројатно не за долго, бидејќи неплаќањето на меѓусебните обврски ги гуши развојните можности на домашните фирми, а очекуваната динамика не може да се оствари и одржува само со потпирање на странските директни инвестиции во технолошко индистриските развојни зони во земјата, под ненормално неекономски поволни услови.
Со ретерирањето и на ова прашање власта покажа дека не е подготвена за темелни пазарни решенија во стопанисувањето. Да потсетиме само дека таа веќе подолго време не е подготвена за потемелни зафати за надминување на клучните економски проблеми во развојот на земјата- различните услови за стопанисување меѓу домашните и странските бизнисмени, порастот на нееднаквоста, доминантната улога на државата во стопанскиот живот, големо присуство на популистички мерки во економската политика, претераното потпирање врз странските директни инвестиции во развојот, порастот на неликвидноста и тн. Да не зборуваме за политичките проблеми кои имаа силно негативно влијание врз бизнис климата во земјата- сериозната нерамнотежа меѓу субјектите на уставната поделба на власта (подреденост на законодавната и судската власт на извршната), партизацијата на државата, гломазната и неефикасна администрација, неефикасно судство, контролирани медиуми и тн.
Очигледно е крајно време да се отпочне со решавање на овие проблеми. Тие никако не можат да се супституираат ниту со уште поинтензивни патувања, дури и на целата влада, во потрага на странски директни ин вестиции. Време е да се преиспита таквиот концепт на развој, бидејќи не ги дава очекуваните резултати, а ги засилува противречностите во развојот.
Д-р Крсте Шајноски
Слично
