Одложен судскиот процес за убиството на Ангел Петковски
По барање на одбраната поради отсуство на адвокатот на обвинетиот за убиството над Ангел Петковски, Насер Е., кривичниот суд денес го одложи судскиот процес бидејќи во истиот временски термин адвокатот имал друг предмет од организиран криминал.
Од затворот во Шутка не беше спроведен ниту осомничениот за убиството, Насер Е. на кого во моментов му е одредена мерка притвор.
„Постапката течеше коректно, обезбедени се материјалните докази, како и сведоци. Родителите за жал се уште не можат да се соземат од овој трагичен настан“, истакна адвокатот Звонко Давидовиќ, кој го застапува семејството на Ангел.
Адвокатот на обвинетиот Ангел Ѓорѓиев истакна дека бил ангажиран неодамна, поради што допрва морал да направи увид во доказите.
„Треба да ги погледнеме доказите и снимките, бидејќи тие беа презентирани во истрага, а јас тогаш не бев ангажиран. Го оспоруваме обвинетието, па затоа и ќе побараме да се вклучат две технички лица кои ќе извршат вештачење“, истакна адвокатот Ѓорѓиев.
Дали Насер Е. ќе се брани дека убиството го извршил во самоодбрана, неговиот адвокат не сакаше да открие, но повика случајот да не се става во етнички контекст.
На обвинетиот му се заканува казна затвор од најмалку 5 години, за убиство со умисла, а дополнително ќе се гони и за тешка кражба.
Наредното судско рочиште е закажано за 21 јануари, наредната година.
Слично
